Пишува: Зоран Ѓоршоски
Вчера со мечевите од 18.коло и дефинитивно се стави крај на есенскиот дел од тековната 2024/25 сезона во нашата елитна лига. Сега следува одмор се до 16 февруари за кога е закажан стартот на пролетниот дел.
Есенски првак е Силекс, кратовци ја освоија таа провизорна есенска титула.
Екипата која дома не успеа да победи ниту еден од конкурентите (Гостивар 1:2, Шкендија 0:0 и Работнички 1:1), на крајот само поради гол – разликата заврши како лидер. Екипата која на мечот со Гостивар во вторникот одигра 0:0, ама имаше и недосуден пенал – против, кој се виде од авион, е есенски првак. На екипата која вчера против Вардар во Кратово, при резултат 0:0, не и беше суден пенал – против кога еден домашен играч евидентно играше со рака. Тоа се најмалку два бода и затоа Силекс а не Шкендија, Работнички или Гостивар ќе се перчи дека е есенски првак.
Честитки за тренерот Васоски кој “извади“ 200 насто од овој тим. Но што ќе беше ако во вторникот Младеновски сакаше да види пенал за Гостивар или вчера беше покажан казнет удар за Вардар? И двата против Силекс.
Ништо посебно, Силекс немаше да заврши како лидер. Ете, тоа ќе беше.
Нешто за што ние уште во средата предупредивме.
Јасно е дека имаше големи судиски киксови оваа есен. Јасно е дека некои клубови како Вардар беа евидентно во неколку наврати драстично оштетени, но јасно е дека некои клубови беа “протежирани“ од одредени личности.
Очекуваме, се надеваме, посакуваме, напролет да имаме помалку грешки од страна на судиите за да биде шампион оној кој најмногу заслужува.
Напролет ќе биде војна за титулата, повеќе од јасно дека Шкендија, Работнички, Гостивар, секако и Струга ТЛ нема така лесно да му препуштат на Силекс да заврши како прв. Но тоа е за напролет.
Кога сме кај есенската титула што значи таа всушност?
Ништо посебно. Тоа е одговорот.
Веројатно служи за прослави и чаталење дека до 16 февруари си лидер.
Ќе видиме на 18 мај, кога ќе заврши сезоната и кога ќе се одигра тоа 33.коло, каде ќе се прославува.
Во Кратово, во Тетово, во Гостивар, во Работнички или пак во Струга?
Да бидеме живи и здрави па ќе видиме.
За крај уште еднаш табелата по есенската полусезона кога станува збор за врвот:
1.Силекс 37 (+19), 2.Шкендија 37 (+18), 3.Работнички 37 (+18), 4.Гостивар 35 (+17), 5.Струга ТЛ 32 (+2).
И вака ќе биде се до 16 февруари, за жал на едни и за радост на други.
Тоа е тоа од оваа есен, се читаме во февруари.