ФФМ за Ставрев: Дојде тивко и стана легенда!

464

Утре на „Драгао“ во Порто, како што уште вчера “СпортСпорт“ објави, Александар Ставрев за последен пат во својата кариера ќе ја дели фудбалската правда. И УЕФА му укажа чест на еден голем стадион и голем клуб да му суди нашиот најдобар судија кој по мечот меѓу Порто и Митјиланд во ЛЕ, ќе оди во фудбалска пензија.

Негови помошници на “Драгао“ ќе бидат Дејан Костадинов кој исто така за последен пат ќе суди, Гоце Петрески и четврти е Игор Стојчевски.

По тој повод и ФФМ со пригодна објава потсети кој е Ставрев:

Александар Ставрев. Човек кој дојде тивко и стана легенда.

Да бидеме искрени, можеби и наивни, не би било прв пат – и денес Македонија има фудбалски судии кои можат да направат сериозна домашна и меѓународна кариера и кои можат да градат имиџ на добри, непристрасни судии. Кои грешат, но не крадат.

Но, Александар Ставрев е еден од ретките кои успеа правилно да ја балансира својата судиска кариера, а истовремено да биде следбеник на своите идеали и вредности, но и да најде начин да биде еден од предводниците на патот на постојан напредок и раст на македонското фудбалско судиско тело.

Спортската култура што ја изградија заедно со неговите асистенти, Дејан Костадинов и Гоце Петрески и која внимателно ја негуваа и прошируваа е единствена во нашиот фудбалски свет.

И токму затоа, повеќе се зборува за Ставрев како човек, отколку за Ставрев како судија, а тоа го потенцираа сите што го познаваат во последните неколку дена откако стави крај на неговата судиска кариера.

27 години судиска кариера, повеќе од 1000 домашни натпревари и 148 меѓународни натпревари.

Само аплауз, мајсторе. Висините што ги достигнавте се неверојатни.

ПретходноКолашинац и Модриќ насмеани: Што ли си кажаа Босанецот и Хрватот?! (ВИДЕО)
СледноСкандалозно: Милан “заборави“ да го повика Бобан на прославата на 125-годишнината на клубот!