Јошко и Љафта денеска играат за прв трофеј – финале на Лига Купот на Грција

70

Најтрофејниот македонски одбојкарски стратег Јошко Миленкоски и македонскиот репрентативец Александар Љафтов, попладнево во градот Арта со екипата на ПАОК ќе го одиграат финалето на Лига Купот на Грција. Ова е прво големо финале за оваа сезона за тимот од Солун, кој оваа сезона во своите редови има двајца Македонци.

Искусниот стратег Миленкоски за денешното финале објективно фаворитската улога му ја препушти на противникот, екипата на Олимпијакос.

„Олимпијакос сега е посилен и од минатата сезона. Минатата сезона успеавме да ги победиме во Суперкупот, но оваа година имаат тим за Лигата на шампиони. Се работи за еден екстра состав од врвни играчи, но за нас тоа е дополнителен предизвик. За мене уште поголем мотив, затоа што двапати по ред ќе учествувам во едно големо финале. Ќе уживаме, ќе го покажеме најдоброто од нас, па останува да видиме како ќе биде на крајот“, вели Миленкоски.

Оваа сезона нов член на ПАОК е и нашиот искусен репрезентативец Александар Љафтов, кој веќе се наметна како еден од главните играчи во составот на Миленкоски.

„Среќна околност беше што Љафтов беше без ангажман и успеавме да потпишеме договор со него. Има долга интернационална кариера, а својот квалитет го покажа и во ПАОК. Веќе на еден меч беше избран за МВП, почитуван е од играчите и публиката и среќни сме што повторно заедно соработуваме“, дополни нашиот стратег.

Финалето во Лига Купот на Грција меѓу ПАОК и Олимпијакос се игра попладнево од 16 часот.

ПретходноНиколов и Начевски ќе го судат македонското ракометно дерби во Битола
СледноЧелзи до Реал: Го сакате Палмер? Нема проблем, само подгответе…