Најдобрата фудбалска репрезентација на Македонија во квалификациите за СП 2026 година, за ривали во групата Ј ги има Белгија, Велс, Казахстан и Лихтенштајн.
Општ е впечатокот дека добивме група по мерка и дека реални се шансите за добар пласман, а и за напад на првите две места во групата. Познато е дека првопласираната екипа директно се пласира на Мундијалот, а втората ќе мора низ бараж.
За тоа како ја гледа групата, свој коментар за “СпортСпорт“ има нашиот репрезентативен стопер Никола Серафимов, инаку член на унгарскиот Фехеревар:
„Полесни и потешки противици можат да се добијат секогаш. Групата е таа што е и затоа е неблагодарно уште сега да се коментира или предвидува предвреме. Поучени од минатото, кога имало изненадувања, мислам дека не треба да се залетуваме со било какви изјави, туку стрпливо, храбро и одважно да им пристапиме на претстојните мечеви во овие квалификации“ посочи Серафимов.
Тој истакна дека сите играчи во репрезентацијата сонуваат за нешто големо:
„За првпат ждрепката ја дочекавме од третиот шешир, можеби и затоа е и оптимизмот што преовладуваше пред истата. Како прво се надевам на добро здравје кај сите нас во репрезентацијата. Видете, сите ние сонуваме за нешто големо, но патот до тоа е многу тежок и долг. Се надевам дека со паметен пристап на секој натпревар и поддршка од нашата верна публика ќе имаме реални шанси да направиме и да дојдеме до нешто големо за нашата Македонија“ заврши Серафимов.