Вардар 1961 доцна се разбуди, Пелистер му се одмазди!

126

Дербито на 15-то коло во Супер-лигата меѓу Пелистер и Вардар 1961 му припадна на домашниот тим кој славеше со 35-33. На овој начин битолчани успеаја да им се одмаздат на „црвено-црните“ за поразот во Скопје и бодовно да се изедначат со нив, двата тима имаат по 26 бода. Лидер на табелата е Алкалоид со 28 бода.

Вардар 1961 останува да жали за лошото прво полувреме по кое имаше негатива од девет гола и беше очаен во одбраната (22-13).

Радивојевиќ со 13 гола беше прв стрелец, зад него беше Кузмановски со осум, Митревски запиша 12 одбрани. На другата страна Крсманчиќ имаше девет погодоци, Гогов во второто полувреме запиша четири важни одбрани.

30. ФУРИОЗНИ МИНУТИ ЗА ПЕЛИСТЕР 

Неверојатно добро прво полувреме на Пелистер против Вардар 1961. Гостите се држеа резултатски некаде до средината на првото полувреме. Гостите отворија со 1-2, домашниот тим со два гола на Кузмановски и еден на Цехте поведе со 4-2. Никола Митревски и на оваа средба им го даде потребниот ветер во грб на својот тим и во периодот кога се кршеше резултатот и во периодот кога неговиот тим ја градеше високата позитива.

Битолчани поведоа со 8-4 во 12-та минута, а потоа и со 9-5. На другата страна Вардар 1961 по тајм-аутот успеа да се доближи на минус еден (9-8). За очекување беше дуелот да продолжи во изедначена битка, но Милано се чини загреши со својата тактика. Пелистер прво успеа да ја врати позитивата од четири гола (13-9) на стартот на 20-та минута, а потоа лесно го полнеше голот на противникот. Водеше со 20-12 и 21-13, Радивојевиќ на одморот зголеми на 22-13.

„ЦРВЕНО-ЦРНИТЕ“ СЕ РАЗБУДИЈА, НО НЕМАА СИЛИ ЗА ДА ПРИРЕДАТ ЧУДО 

Вардар 1961 успеа да се издигне по лошото издание, минутите одмор беа добредојдени, а тоа го покажа на терен. Одбраната беше цврста, Милано тргна со 5-1, па битолчани тешко доаѓаа до позиција да реализираат. Во првите 14 минути „црвено-црните“ отвориха со 11-5 (пет гола беа дело на Крсманчиќ) и намалија на само три гола негатива 27-24. На другата страна го немаше оној Пелистер од првото полувреме. Радивојевиќ успеа на момент да зголеми на 28-24.

Вардар 1961 беше на три гола негатива (28-25, 29-26 и 30-27 – пред стартот на последните десет минути). Кузмановски не реализираше по тајм-аутот, па Хориха успеа да доближи на 31-29 во 52. минута. Ова беше момент кога Хориха доби директен црвен картон поради удар со лакт кон Павле Атанасијевиќ.

Радивојевиќ реализираше од седум метри за 32-29, Милано повика тајм-аут, а неговиот тим прими нов гол за 33-29. Петриќ со два гола во низа намали на 33-31. Но, битолчани не реагираа најдобро, па веднаш примија гол (34-31). Митревски ја запиша 12-та интервенција, но истата не беше искористена. Милано го зема последниот тајм-аут со „седум на шест“ успеа да намали на 34-33 во последната минута. Радивојевиќ постигна важен гол за 35-33, вардарци направија нова грешка во важните моменти која на крајот им го отвори патот на битолчани кон победата.

ПретходноРагбисти добија вкупно 40 години затвор за силување
СледноГРК Тиквеш пропушти победа против ГРК Охрид