Работнички ја доби драмата со Гостивар (ФОТО)

46

Работнички им се врати на победите после поразот од Куманово во минатото коло. Најтрофејниот кошаркарски колектив на домашен терен по драма славеше против Гостивар со 77-76 во меч од 10-то коло во Првата лига.

За избраниците на Горн Самарџиев ова беше седма победа сезонава која ги носи на делба на второто место на табелата заедно со Пелистер и МЗТ Скопје. На другата страна Гостивар го запиша седмиот пораз и останува во долниот дел од табелата.

Полутак со 21 поен и Дубински со 19 поени беа најефикасни кај победникот, кој благодарение на двете слободни фрлања на Робев осигура победа. На другата страна Хамптон имаше 21 поен и 13 скока.

Гостите ја добија првата четвртина со 12-18. По 12-21 на стартот на вториот дел почна резултатската нишалка, домаќинот успеа да намали на 21-23, а потоа со серија од 9-0 дојде до водство од 30-25. На одморот резултатот беше 38-35 во корист на Работнички.

По одморот кошаркарите на Работнички го наметнаа своето темпо, а тоа им донесе највисока позитива од 13 поени (48-35).

Гостивар не се откажа во ниту еден момент, во самиот финиш успеа да ја смали негативата од 12 поени на 71-65 и да создаде притисок во редовите на противникот. Ова беше доволен знак за да Самарџиев повика тајм-аут.

Дубински постигна важна тројка за 74-65, но Гостивар продолжи да притиска. Со четири поени во низа на 24 секунди до крајот дојде на два поени негатива (75-73). Работнички не искористи напад за печат на победата, но не се снајде ниту Гостивар. Робев застана на линијата за слободни фрлања, реализираше за 77-73 на седум секунди до крајот. На другата страна Гостивар постигна тројка со звукот на сирената за крајни 77-76.

ПретходноХутер е победничка на првиот спуст сезонава (ВИДЕО)
СледноХесус Навас го одигра последниот натпревар пред навивачите на Севиља (ВИДЕО)