Во овој момент се игра дерби дуелот меѓу Пелистер и Вардар 1961, на одморот битолчани водат со 22-13. Вардарци играат под нивото, одбраната е катастрофална, на другата страна Пелистер засега покажува дека одлично се подготвил за оваа средба.
Салата „Боро Чурлевски“ е исполнета до последното место, пред стартот на дуелот домаќинот приреди спектакл како загревање за дербито на теренот.
И на оваа средба Никола Митревски е одличен, има девет одбрани, дел од нив во клучните моменти кога неговиот тим ја правеше разликата. Радивојевиќ има осум гола, додека Кузмановски седум гола, на другата страна Магрели има три.
По изедначената игра во првите неколку минути, Никола Митревски со две одбрани им даде ветер во грб на своите соиграчи кои пак одлично ја искористија кревката одбрана на Вардар 1961. Пелистер поведе со 4-2 благодарение на серијата од 3-0, а потоа на ист начин, поведе со плус четири (8-4) во 12-та минута. Во меѓувреме се случи и мал инцидент, кој на голема среќа не прерасна во мешаница на теренот. Начевски и Николов им доделија по две минути исклучување на Родригез и Кузмановски.
По последните минус четири (9-5), Вардар 1961 успеа да се собере и да дојде на минус еден (9-8). Но, повторно застана, Пелистер повторно успеа да дојде на плус четири (13-9) во 20 минута.
Грешките на вардарци се редеа од минута во минута, одбраната беше катастрофална. На другата страна актуелниот првак знаеше како да казни. Во 24. минута поведе со плус шест 16-10. И ова не беше најлошото сценарио, по нова одбрана на Митревски, Радивојевиќ зголеми на плус осум (20-12) во 29-та минута, беше и 21-13. Радивојевиќ на одморот зголеми на 22-13.