Втор последователен пораз за кошаркарите на Чаир во домашниот кошаркарски шампионат. Вечерва на домашен терен во салата „Шабан Трстена“, чаирчани беа поразени од амбициозниот состав на МКК Куманово, кој одигра одличен меч и сосема заслужено дојде до шестата сезонска победа со 91:95.
Гостите одлично го отворија мечот и во првата четвртина успеаја да направат предност од 7 поен, која во вториот период Чаир успеа да ја намали, но сепак МКК Куманово замина на пауза со плус 2 (44:46).
Во вториот дел, како фотокопија на случувањата од првиот дел, кумановци одиграа одлично и повторно сериозно ја зголемија разликата. Тадиќ и Радукиќ одигра аодлична четвртина која на крајот на гостите им донесе предност од 59:66.
Чаир се обиде да се приклучи во последниот период и постојано доаѓаше на минимална разлика од 3-4 поени. Во последната минута МКК Куманово влезе со 88:93, што им го трасираше патот до победата. Чаир се обиде со тројката на Колинс за 91:93 да внесе немир кај гостите, но со поените на Волер од линијата за слободни фрлања, гостите ставија печат на победата.
Радукиќ постигна 26, додека Волер имаше 20 поени во составот на МКК Куманово. Кај Чаир, Мофит постигна 34 поени.