А требаше да биде дерби во Серија А во рамките на 16.коло. Но вечерва на “Олимпико“ среде Рим ни „Д“ од дерби. Лацио – Интер 0:6 е епилогот од овој меч.
Каков Интер? Страшен Интер! Блескава ноќ на четата на Симоне Инзаги кој и тоа како „удри“ по својот некогашен тим.
Со оваа блескава игра и блескава победа Интер на сите во Серија А им “разгласи“ дека нема намера така лесно да ја предава титулата, ова посебно се однесува на Аталанта и Наполи.
Сега со овие три бода “неро-аѕурите“ имаат 34 бода, три помалку од лидерот Аталанта и еден помалку од вториот Наполи, но и меч помалку.
Интеровата симфонија на “Олимпико“ започна со Чалханоглу со гол од пенал во 41.минута. Само три минути подоцна Димарко зголеми на 0:2.
Барела со прекрасен гол во 51.минута зголемува на 0:3.
Лацио беше во шок а гостите од Милано просто танцуваа на теренот на “Олимпико“ за да во 53.минута Дамфрис стрела за 0:4, а Аугусто во 77. погоди за 0:5. Крај на маките за Лацио стави Тирам во 90.минута.
Со овие 0:6 урнати се неколку рекорди. Интер вечерва ја има најубедливата победа над Лацио и најубедливата победа над Олимпико, а Лацио пак урна повеќе свои анти-рекорди.Еден од тие дека ова е најубедливиот пораз на Лацио на свој терен во историјата.