Петровиќ пред мечот со Подгорица: Сакаме да ја завршиме сезоната со победа

42

Кошаркарите на Пелистер в четврток (20 часот, сала „Боро Чурлевски) ќе го пречекаат тимот на Подгорица во рамките од последнто коло од првата фаза од АБА 2 лигата. За жал, шансите за пласман во следната рунда се веќе загубени, но во таборот на „пелистерци“  се решени да одиграат одличен меч и со победа да ја завршат сезоната во регионалното натпреварување.

„Играме со екипа што игра агресивна одбрана, добро ни се познати нивните квалитети. На првиот меч во Црна Гора водевме 37 минути, на крајот се случи да загубиме убедливо, но знаеме што да очекуваме и што треба да направиме. Она што можам да го ветам е максимално ангажирана игра. Штета е што немавме подобри резултати во АБА2 бидејќи загубивме неколку тесни натпревари, но сакаме да ја завршиме сезоната како што треба. Ќе играме како да е меч за прво место во групата, очекувам поддршка од трибините и верувам дека на крајот заедно ќе се радуваме“, изјави тренерот Александар Петровиќ.

Пелистер успеа да ја надмине резултатската криза со која се соочи во текот на минатиот месец, а последните победи над Чаир и над Вардар ја кренаа атмосферата во екипата.

„Победите донесоа подобра атмосфера, но она што лично ме радува е квалитетната работа на тренинзите. Знам дека можеме да играме многу подобро од она што го покажавме во досегашниот дел од сезоната и верувам дека наскоро ќе го покажеме вистинското лице. Очекувам со победа над Подгорица да влеземе во уште подобар ритам пред пресметката со лидерот ТФТ во домашниот шампионат“, истакнува Петровиќ.

ПретходноСуперлигата стана „The Unify League“ и побара дозвола од УЕФА за старт на натпреварувањето
СледноЅвездата на Аталанта е најдобар африкански фудбалер за 2024 година