По долга борба, кошаркаритена Работнички се поразени и во последниот настап во АБА 2 лигата оваа сезона. Во последното 6. коло од групната фаза, Работнички во Скопје загуби од Војводина со 70:74, по пет минути игра во продолжението, откако во регуларниот дел беше нерешено, 64:64.
Ова беше еден од најдобрите мечеви на Работнички во АБА 2 лигата на сезонава и вистинска штета е што не успеа да слави. Освен првата четвртина во која одиграа многу лошо, кошаркарите на Самарџиев во останатите три потврдија дека не случајно се дел од јадранското друштво. Во последните минути од регуларниот дел, Работнички бркаше минимална негатива, за со поените на Полутак да се избори за дополнителни 5 минути.
Во продолжението Војводина отвори подобро, но Работнички се врати во егал на една минута пред крајот (70:71), по што Полутак промаши едно слободно фрлање, а со поените на Бумбиќ гостите го направија финалниот чекор до победата, со која остануваат први на табелата.
Полутак постигна 26 поени кај Работнички, додека Ефремовски имаше 21. Кај екипата на Војводина, Дингл со 16 поени беше најефикасен на теренот.