Иако имаа желба, кошаркарите на Пелистер не успеаја со победа да се простат од годинешните настапи во АБА 2 лигата. Во последниот меч од групата „Ц“, битолчани на свој терен се поразени од Подгорица со 74:93, а главен виновник за тоа е Американецот Скот, кој вечерва во Битола постигна неверојатни 53 поени за гостинската екипа.
Освен во вториот период во кој достојно му парираа на гостинскиот тим, во останатите три четвртини видовме доминација на Подгорица. Првите 10 минути, Црногорците ги добија со 18:25, а во вториот дел не дозволија експериментирање и од првата минута го водеа мечот кон висока и убедлива победа.
На крајот кај гостите освен Скот, се издвои уште еден Американец, Смит кој средбата ја заврши со 17 поени. Кај Пелистер најефикасен беше Бојиќ со 16 поени.