Дојде „шумарот“ и ги избрка „Германците“ и „Партизаните“!

5436

Марија Ковачева

Вчера бевме сведоци на маратонска седница на едно Редовно Годишно Собрание во кошарката. На два дена пред почетокот на истата беше јасно дека нема да помине процедурално бидејќи Иницијативниот Одбор за смена на Перо Антиќ ги отвори картите и дојде со една намера – да изгласа недоверба на актуелниот претседател на КФСМ.

Но, недоволната подготвеност во делот на законско постапување на крајот им ги урна сите надежи – на крајот на оваа календарска година да го сменат врвот во федерацијата.

Во статутот стои точка која вели дека еден претседател не може да биде сменет во првите две години од неговиот мандат, нешто што на времето го воведе Петар Наумоски, претходникот на Антиќ. Спротивно од деловникот за работа е да се вметне точка на дневниот ред за негова недоверба од страна на членовите, нешто што се чини дека е едноставно, но за Иницијаторите беше најголем проблем – па удрија во ѕид. Тоа требаше да го сторат 15 дена пред почетокот на Собранието, така вели правната поука.

Антиќ имаше право да ја прекине седницата многу порано, но не сакаше да дозволи токму неговите противници да направат паралелно Изборно Собрание кое не само што ќе значи негова смена, туку и ќе значи суспензија на Македонија од страна на ФИБА и ИОК, нешто што го посочи директорот на МОК, Владимир Богојевски.

Фактот дека кошаркарска Македонија може да биде суспендирана и нема да ги заврши квалификациите за пласман на ЕП 2025 година (во кои има реални шанси) не беше доволна за повлекување. По серија на исти говори од двете страни и неколку паузи, не се најде решение…Се изнаслушавме се и сешто, но ништо паметно. Сите клубови полека го губеа трпението, цупкаа, но беа принудени да останат во текот на сите пет часа.

Откако ги истрошија сите говори, Иницијаторите одлучија да молчат…засега од непозната причина за нас, за нив сигурно добро позната.

Агонијата во салата стана уште поголема и помачна, на момент да се запрашаш дали навистина сите присутни (позиција и опозиција) се за доброто на кошарката, бидејќи таква слика не може да се види ниту во најзаостанатите спортски земји во светот.

Иницијаторите на чело со нивниот кандидат за претседател, Младен Ѓуроски се чинеше беа подготвени да седат до крај, исто како и Перо Антиќ, иако адвокатите на првиот човек на КФСМ неколку пати им посочија дека делуваат спротивно на законот, но на голема среќа се појави еден човек, кој за неполна минута успеа да стави крај на циркузот.

Вработен во хотелот, после пет часа ги замоли да ја завршат седницата бидејќи салата треба да се подготвува за следен настан. Антиќ ја прекина седницата, која заврши и без да биде разгледан финансискиот извештај и рабоатата на федерацијата за годината што изминува бидејќи Иницијаторите првично немаа желба да го слушнат ниту тоа – од засега непознати причини.

Дојде „шумарот“ ги избрка „Германците“ и „Партизаните“ и не спаси на момент од една голема агонија. 

Но, дали треба да бидеме среќни?

-Одговорот е НЕ. Сликата од „Александар Палас“ е вистинска слика на македонската кошарка. Зошто Македонија тоне и тоне секоја година можевме да видиме таму. Па, ако еден од сите тие присутни на истиот начин се залагаше барем 30% за кошарката, ако истите клубови беа еднакво упорни да градат иднина на македонската кошарка негувајќи ги талентите, негувајќи ги вредностите кои некогаш ги имаше овој спорт, денеска немаше дојдеме на ова дереџе.

Секој од вчерашните поборници за подобро утре на мак-кошарка, силата и моќта да ја насочат со еднакво иста желба како за власт, кон спојување на урнатините на овој спорт, а не да мисли колкав ваучер ќе добие и што ќе добие ако биде во позиција или опозиција.

Во Македонија секогаш е интересно – битката за власт продолжува…

*Забелешка: „Шумарот“, „Германците“ и „Партизаните“ се фикција…

ПретходноДонарума паузира неколку недели
СледноФИФА листа за месец декември: Македонија и натаму е 67. фудбалска репрезентација на светот