Фудбалерите на Тотенхем славеа над Манчестер Ј. со 4:3 во последниот меч од четвртфиналето на Карабао Купот на Англија. Момците на Анже Постекоглу уште од почетокот на мечот покажаа дека имаат голема желба да се протнат меѓу полуфиналистите, па жестокиот старт брзо им донесе комотна предност.
Соланке во 15. минута ги доведе домашните во водство од 1:0, предност со која с еотиде на пауза. По неполни 60 секунди во вториот дел, Дејан Кулушевски зголеми на 2:0, додека Соланке со својот втор гол во 54. минута го доведе Тотенхем и до 3:0.
По ова домашните како да се опуштија, па следуваше возвратен удар на Манчестер Ј. најпрвин во 63. минута Циркзи намали на 3:1, а седум минути подоцна по катастрофалната грешка на голманот Фостер, Амад погоди за 3:2.
И кога се очекуваше голем притисок на гостите за израмнување, во 90. минута Сон погоди директно од корнер во мрежата на турскиот голман Бајиндир, кој имаше катастрофална реакција со која веројатно си ја пропушти шансата кај Аморим. Сепак во 94. минута, грешка прават и домашните кои дозволија Еванс да погоди за 4:3, што беше и конечен резултат на мечот.
Тотенхем им се приклучи на Арсенал, Ливерпул и Њукасл кои веќе се полуфиналисти.