За жал, ужасни сцени видовме вечерва на мечот меѓу Панатинаикос и Басконија, кога Матијас Лесор заработи страшна повреда во текот на третата четвртина, поради што целата сала „Оака“ остана во неверување.
Францускиот центар незгодно нагазна на левата нога и според првичните информации ја скрши фибулата, а се очекува да биде надвор од терените околу три месеци.
Навивачите на Панатинаикос на трибините го поднесоа многу тешко, многумина ги држеа главите и плачеа, а тренерот Ергин Атаман на прес-конференцијата по натпреварот откри страшни информации. Дури девет навивачи на трибините во тој момент се онесвестиле или доживеале срцев удар, поради што морало да им биде укажана итна прва помош. Атаман откри дека нема доволно амбулантни возила за да ги однесе сите луѓе во болница.
“Секако дека беше чудна ноќ и тешко е да се зборува за фантастичната кошарка што ја одигравме поради повредата на Матијас, која е многу сериозна и сите на теренот беа шокирани. Благодарам на екипата на Басконија и тренерот Лас, бидејќи решивме да го прекинеме натпреварот на 10-15 минути бидејќи ова е прв пат во 35 години од мојата кариера да видам вакво нешто. Откако се повреди играч, девет лица да добијат срцев удар или се онесвестиле. Немавме доволно амбулантни возила за да ги однесеме луѓето во болница”.
Атаман подвлече дека никогаш во животот не видел вакво нешто.
“Вакво нешто не сум видел во кариерата, таква страст за клуб и луѓе. Емоциите на луѓето се неверојатни и секако, сите ќе чекаме добри вести од Матијас. Ќе направат магнетна резонанца и после тоа ќе видиме што е правилно. Ја скрши ногата, но за каква скршеница се работи ќе видиме по прегледот. Ова е кошарка, се случуваат повреди, имам видено многу повреди во кариерата, но првпат се случи таков шок на трибините што мечот мораше да се прекине 15 минути, колабираа девет навивачи, добија срцев удар. … Што се однесува до кошарката, игравме совршена кошарка”, изјави Атаман.