Лазаров објасни зошто на списокот ги нема Талески и Томовски!

5408

Македонската ракометна репрезентација првиот дел од подготовките за настап на Светското првенство 2025 година ќе ги одработи во Стара Пазова. Селекторот Кирил Лазаров и 20-те ракометари кои се најдоа на скратениот список нема да останат ниту еден ден во Скопје, веднаш ќе заминат на подготовки каде ќе се задржат до 30 декември.

Македонија на Мундијалот е во групата Д заедно со селекциите на Гвинеја, Холандија и Унгарија, а сите натпревари ќе се играат во Вардаждин.

И овој пат, Лазаров одлучи да не го повика Филип Талески (на левата бековска позиција е тандемот од Пелистер, Филип Кузмановски и Павле Атанасијевиќ), а во составот го нема ниту Мартин Томовски. На голот на македонската репрезентација се враќа искусниот Никола Митревски, а својата шанса покрај него ќе ја чекаат Марко Кизиќ и Иван Галевски.

„Се одлучив за Митревски, Кизиќ и Галевски поради подобра форма и поголема минутажа која ја имаат во овој момент. Томовски е одличен голман и сигурен сум дека за брзо време ќе ја врати неговата форма“, ни објасни Лазаров. 

Што се однесува до левата бековска позиција, предводникот на нашиот најдобар национален тим е убеден дека Кузмановски и Атансијевиќ не само што се во подобра форма, туку и двајцата играат во два правци во нивните клубови.

„Одлуката за Кузмановски и Атанасијевиќ на левата бековска позиција се темели на нивната подобра форма и играњето во два правци во нивните клубови. Талески на последните две првенства, на бараж натпреварот за СП и вклучувајќи ги и пријателските натпревари имаше слаби изданија. Токму затоа се решив за Кузмановски и Атанасијевиќ“, вели Лазаров за СпортСпорт. 

Лазаров е задоволен од формата на своите играчи, со тоа што напомена дека во овој момент неколку ракометари имаат ситни повреди.

ПретходноДимитар Ѓорѓиев, четирикратниот светски шампион и првак на Европа – кандидат за претседател на македонската кик-бокс федерација
СледноОтворен спортски центар кој ќе го носи името на навивачката легенда на МЗТ Скопје (ФОТО+ВИДЕО)