Еве колкави буџети треба да имаат нашите клубови за евентуален пласман во нокаут фазата од плеј – офот во Лигата на Конференции!

454

Се разбира дека сонот на секој клуб во Европа е да играш во Лигата на Шампионите, но тој сон им се исполнува само на богатите, ние сме далеку, а со новиот формат сме уште подалеку, а со новата Суперлига, ако почне, ќе бидеме најдалеку. Иако нема да се вика ЛШ.

И токму затоа за нас сиромашните и нефудбалски развиени земји, УЕФА воведе Лига Конференции, иако и таму за нас е сон да се влезе во групната фаза, а во оваа сезона класичната ЛК.

Па така сеуште ќе се тешиме со тоа што Вардар го направи во 2017 година кога влезе во групната фаза во ЛЕ. Лани тоа за малку ќе го повтореше и Струга ТЛ, но во Лигата на Конференции.

Но доста од историја. Ајде да се занимаваме со сегашноста. А таа вели дека оваа сезона во нокаут фазата од плеј – офот во ЛК или во 1/16 финалето се пласираа четири клубови од екс – СФРЈ.

Секако интересно е за нас да видиме со колкави буџети тие располагаат, па да ги споредиме со буџетите на македонските клубови.

И веднаш да кажеме дека не станува збор за гигантите Динамо Загреб и Ц. Звезда, туку за Борац Бања Лука (БиХ), ТСЦ Бачка Топола (Србија), Цеље и Олимпија (Словенија).

Ова се тие клубови кои се пласираа во 1/16 финалето во ЛК.

ТСЦ Бачка Топола, неофицијално има буџет од околу 6,5 милиони евра, а најскапо платените играчи заработуваат не повеќе од 150.000 евра годишно.

Борац Бања Лука има буџет од 6 милиони евра, а најголемата годишна плата е 120.000-150.000 евра.

Олимпија Љубљана има буџет од 5,5 милиони евра. Максималната плата е 150.000 евра на годишно ниво.

Цеље има буџет од 10 милиони евра, а во овој клуб се заработува и до 250.000 евра.

Кога станува збор за платите на играчите тука за сите клубови важи истото, во горе наведените сум не се вметнати премиите и посебните бонуси.

Од ова произлегува дека без најмалку 5 милиони евра годишен буџет не можеш да бидеш на рамниште на овие четири клубови.

И сега доаѓаме кај нас. Во нашите клубови буџетите се најстрого чувана тајна, и затоа можеме да шпекулира и слично, и се извинуваме ако драстично погрешиме во однос на сумите.

Па така на сите ни е јасно дека во моментов Гостивар во ПМФЛ го има најголемиот буџет. Се говори дека станува збор за 3,5 милиони евра на годишно ниво. На второ место е Шкендија со околу 3 милиони евра, и пак ќе кажеме овие бројки се неофицијални, а потоа доаѓаат другите клубови.

Од ова произлегува, се разбира ако сумите се овие, дека нашите клубови не можат да се споредуваат со едни ТСЦ, Борац, Олимпија, а да не говориме за Партизан и Динамо.

За споредба, Шкендија минатото лето уште во 1.квалификациско коло беше елиминирана од Ноа (Ерменија) и тоа многу лесно.

А тој клуб од Ерменија имал буџет од најмалку 8 милиони евра или речиси трипати поголем.

Јасно е дека не секогаш буџетите играат улога, можни се сензации како онаа на Вардар пред 7-8 години со Фенербахче, но тоа беше чудо а чудата ретко се случуваат.

Затоа порака до нашите клубови. Ако сакате евентуален пласман во ЛК и пласман во нокаут фазата од плеј – офот, тогаш обезбедете или проектирајте најмалку 5-6 милиони евра годишно.

Во спротивно ќе се бламирате себеси и ќе го бламирате мак – фудбалот со елиминации уште на стартот од квалификациите во Лига на Конференции.

ПретходноМурињо го напуштил Истанбул поради мистериозна операција
СледноУЕФА и ФИФА: Му честитаме на новиот претседател на ФФМ, Масар Омерагиќ