Македонскиот атлетичар Андреас Трајковски и неговата компанија за спортска опрема „Џамперс ворлд“ потпиша партнерски договор со атлетскиот клуб Црвена Звезда. Атлетичарите на српскиот тим во следните две години ќе носат опрема креирана од македонскиот репрезентативец, кој пред извесно време ја промовираше својата компанија на светската сцена.
„Навистина сум среќен што мојата компанија ‘Џамперс ворлд’ потпиша двегодишно партнерство со атлетскиот клуб Црвена Звезда. Оваа соработка е значаен чекор напред за нас, бидејќи ги здружуваме силите со еден од најпрестижните клубови во регионот, подржувајќи ги неговите атлетичари со опрема со премиум квалитет“, вели Трајковски.
„Како професионален спортист кој ја претставува Македонија на глобалната сцена, мојата цел е ја обезбедам најквалитетната опрема за светските клубови. Навистина сум среќен што Црвена Ѕвезда ми укажа шанса да покажам за што се залага ‘Џамперс ворлд’ опремата. Ова е само почеток и се надевам дека и македонскиот национален тим ќе го види потенцијалот за вакво возбудливо партнерство“, истакна нашиот репрезентативец.
Трајковски е национален рекордер во скок во далечина со 7,91 метри и ја претставуваше Македонија на изминатото Европско првенство во Рим.