Масар Омерагиќ на тронот во ФФМ, правдата е спора но ја има!

1750

Од 11 часот во скопскиот хотел Хилтон е вонредното Собрание на Фудбалската Федерација на Македонија на кое ќе се усвои оставката на досегашниот претседател Муамед Сејдини и ќе се гласа за доверба за единствениот кандидат за тронот – Масар Омерагиќ.

Момент кој беше очекуван, момент кој е доказ дека со дијалог и разбирање лесно може да се најде решение. ФФМ влезе во внатрешна криза во летните денови кога се случи нетрпение и несогласувања на мнозинството од членовите на УО на ФФМ со првиот човек на федерацијата.

Тоа кулминираше со барање за итен состанок на ова тело на ФФМ, по кое Муамед Сејдини се увери дека ја има недовербата и се одлучи да се повлече од функцијата на неколку месеци пред истекот на мандатот. Масар Омерагиќ е познато име во фудбалот, поранешен фудбалер и фудбалски работник. Човек кој има успешен бизнис и човек кој го сака фудбалот, а и човек кој е пример за упорност, борбеност и трпеливост. Примерот со Масар Омерагиќ и неговата борба за тронот во ФФМ е доказ дека во животот постои правда иако таа е спора, но сепак доаѓа. Масар Омерагиќ и во 2012 година беше пред промоција на оваа позиција по жестоката борба со тешко кршливиот Харалампие Хаџи Ристески. Откако ја доби битката по меѓународните институции и откако ја доби довербата од ФИФА и УЕФА се случи пресврт преку ноќ. Масар Омерагиќ во тоа време и со таа гарнитура на власт не се одлучи да смени име и презиме, па така Илчо Ѓоргиоски на готово седна на претседателската функција во „куќата на фудбалот“.

Историја која не се заборава и фудбалски моменти од минатото кои се добро познати.

Она што е факт и она што треба да се знае е тоа дека новиот претседател на ФФМ, по Љубисав Иванов – Ѕинго, е човек со бизнис кој е потежок од буџетот на федерацијата. Интересот ќе биде фудбал и само фудбал а не профит, проекти и интереси.

Сончево е денеска во Скопје, така нека ни биде и во фудбалот во периодот кој следи.

ПретходноЛеброн ги покори „кралевите“, Орландо се врати од минус 25, Далас славеше без Дончиќ (ВИДЕО)
СледноСтартува мисијата СП 2025: Ракометарите заминаа за Стара Пазова!