200 дена до ЕМОФ Скопје 2025: Одбројувањето започнува со младинска дружба и специјална кореографија

36

Во понеделник (30 декември), со специјален настан ќе биде одбележан значајниот момент за одбројување на 200 дена до почетокот на Европскиот младински олимписки фестивал – ЕМОФ Скопје 2025. Со овој настан, започнува ново поглавје во подготовките за еден од најпрестижнитемулти-спортски настани во Македонија, кој ќе ја обедини европската младинска спортска елита во Скопје и Куманово.

Во духот на спортот и заедништвото, настанот за одбројувањето ќе ги собере младите спортисти, претставници на македонската спортска сцена и маскотата Shiny – симболот на фестивалот. Настанот ќе вклучува интерактивна дружба со Shiny, кој ги претставува клучните вредности на ЕМОФ: единство, пријателство, почит и спортски дух. Покрај тоа, младите спортисти ќе изведат уникатна кореографска точка, со која ќе испратат порака за инспирација, мотивација и поддршка до сите идни учесници на фестивалот.

Европскиот младински олимписки фестивал е настан кој има за цел да ги обедини најдобрите млади спортисти од Европа, овозможувајќи им да ги покажат своите таленти на највисоко ниво. Скопје и Куманово ќе бидат домаќини на повеќе од 4.000 учесници од 48 земји, кои ќе се натпреваруваат во 15 различни спортови, меѓу кои се и атлетика, кошарка, одбојка, ракомет, пливање, џудо и баскет 3×3.

ПретходноФФМ нема да го верификува најавеното Собрание на ОФС Охрид
СледноОбјавени и комплетните промени на судиските и контролорските листи