Манчестер Сити е во невидена криза, но менаџерот Хосеп Гвардиола продолжува да верува дека ќе врати насмевките. Тимот има само една победа во последните 13 натпревари.
„Нема да се откажам. Сакам да бидам тука и да се борам. Не сакам да го разочарам мојот штаб, клубот, навивачите, воопшто сите луѓе кои го сакаат Сити.
Сега ни претстои гостување кај Лестер, каде секогаш било тешко, но играчите се подготвени. Продолжувам понатаму. Понекогаш очекувате дека ќе биде лесно да се справите со тешкотиите, но понекогаш е потребно подолго време.
Ќе се вратиме порано или подоцна. Она што се случува сега не тера да се потсетиме колку силни беа нашите резултати во минатото. Тоа ме тера да сфатам што сме постигнале тогаш во тие многу, многу години. Бевме неверојатно доследни“, изјави Пеп во пресрет на гостувањето кај Лестер од Премиер-лигата, кое се игра денеска во 16:30 часот.
Тој и овој пат како главна причина ги наведе повредите. Очекувал пад, но не до овој степен.
„Главната причина за проблемите сега е тоа што имаме 7-8 повредени играчи. Во тој случај дозволувате благ пад на нивото на играта, но не очекувавме да биде толку голем. Но, сепак го гледам духот меѓу момците и начинот на кој тие тренираат. Тие се фокусирани на нивните задачи. Нашиот успех се должи на тоа што секогаш сме сметале дека постигнатото не е доволно. И ние продолжуваме да се обидуваме да одиме напред. Затоа освоивме еден куп титули. Натпревар за три дена, победи, победи, победи… И така долги месеци и години. Сега треба да го сториме истото.
Должност на сите нас е да се стремиме да ги задоволиме навивачите и да си ја вршиме работата. Претпочитав да не дојдеме до каде што сме сега, но така стојат работите. Се трудам да бидам максимално смирен, се трудам да ја разберам ситуацијата и да проценам што треба подобро да направиме во следниот натпревар. Ова ќе го побарам од овие играчи кога ќе се вратат по повредите“, изјави Пеп.