Ливерпул го прецрта Киеза, се споменува кам-бек во Италија

183

Федерико Киеза пред три години беше еден од најдобрите офанзивци во Европа. Со репрезентацијата на Италија го освои Европското првенство, а беше и еден од најдобрите играчи на Јувентус. Во јануари 2022 година, тој ги скина вкрстените лигаменти на коленото и никогаш не можеше да се врати во форма после тоа. Киеза не толку одамна беше еден од највозбудливите играчи во Европа, познат по својата брзина, дриблинг и добра завршница.

Во последно време се му тргна надолу. Јувентус летово го пушти во Ливерпул за 12 милиони евра, што за многумина беше изненадувачки. Се очекуваше Киеза да добие целосна доверба кај новиот тренер Тиаго Мота, но од клубот оценија дека е ризично да се смета Киеза како еден од главните столбови на тимот поради неговите чести повреди.

Ливерпул реши да инвестира во брзоногиот крилен напаѓач како една од ротационите опции, но засега тој трансфер делува како целосен неуспех. Имено, Киеза четири пати се појавил за новиот клуб во сите натпреварувања. Тој собра 123 минути и една асистенција, а од Англија стигнуваат вести дека не е во состојба да се прилагоди на физичките барања на англискиот фудбал.

Киеза се мачи со полесни повреди и опцијата за позајмица во зимскиот преоден рок станува се пореална. Порталот Talk Sport пишува дека за него се заинтересирани Наполи, Интер и неговиот поранешен клуб Фиорентина. Во Ливерпул на Киеза му беше дозволено да тренира по посебна програма, но се чини дека клубот дошол до дефинитивен заклучок дека Италијанецот по сите повреди не бил на нивното ниво.

ПретходноРеал го “договори“ Трент Александер – Арнолд, ама спрема уште една “бомба“ во одбраната!
СледноНаполи се изнамачи, ама ја победи Венеција!