Екипата на Бадел 1862 на најубав можен начин ја заврши годината. Клубот го голема традиција во македонската женска кошарка оствари нова соработка со тим кој е надвор од нашите граници, се со цел собирање на меѓународно искуство кое подоцна ќе биде добредојдено кај сите кошаркарки.
Гостин на Бадел 1862 беше данскиот тим на Фалкон каде главен тренер е поранешната македонска кошаркарка, Ивана Удовалиева, која покрај ова веќе осум години е дел од стручниот штаб на данските репрезентации, а во последните две години работи со женската репрезентација до 20 години.
Бадел 1862 и Фалкон во два дена одиграа шест пријателски натпревари со три генерации: М12, М14 и М16.
Од таборот на македонскиот тим изразија благодарност за оваа посета и надеж дека соработката меѓу двата клуба ќе биде на долги патеки.
„Презадоволна сум од викендот и натпреварите кои ги одигравме со Бадел. Ова беше едно прекрасно искуство за Фалкон и нашите девојки. Сакам да изразам голема благодарност до Бадел за топлиот пречек и помошта оваа идеја да се реализира. Се надевам дека ова е само почеток на нашата соработка и можност за уште поубави искуства во иднина“, ги пренесе своите впечатоци Ивана Удовалиева.