Фудбалерите на Манчестер Јунајтед загубија со 2:0 од Њукасл на Олд Трафорд. Во најинтересниот премиерлигашки натпревар на вечерта, Њукасл ја постигна петтата последователна победа во сите натпреварувања, додека Јунајтед го претрпе четвртиот последователен пораз.
Јунајтед загуби пет првенствени натпревари во еден месец за прв пат од 1962 година
Ова беше петти првенствен пораз за Манчестер Јунајтед овој месец. Така, декември 2024 година ќе остане запаметен како првиот месец во кој „црвените ѓаволи“ претрпеа најмалку пет порази од септември 1962 година.
“Мислам дека испаѓањето е можно, мораме да бидеме искрени со нашите навивачи. Мораме да промениме нешто, но оваа сезона ќе биде многу тешка за сите. Тоа може да не направи посилни и мораме да се бориме”, изјави Рубен Аморим по натпреварот и продолжи:
“Навистина е тешко. Ова е еден од најлошите моменти во историјата на нашиот клуб, и мораме да го прифатиме. Уште еден пораз пред нашите навивачи. Мислам дека на нашиот клуб му треба шок и мораме да го разбереме тоа. Ова е многу тежок момент и мораме да се бориме за следниот натпревар и да имаме подобри перформанси“.
Аморим има шест дена да се обиде да ги пренесе своите идеи до играчите пред следниот натпревар на Јунајтед против големиот ривал и лидер во Премиер-лигата, Ливерпул.
Фудбалерите на Арне Слот претходно славеа во почетокот на сезоната на „Олд Трафорд“ со 3:0, додека тренер на „црвените ѓаволи“ беше Ерик тен Хаг.