Огнен Чак Дојчиновски
Дебар Маало било, е и секогаш ќе биде душата на Скопје. И според неговата местоположба, и според се она што се случувало, се случува тука, и ќе се случува. Едноставно така е. Работнички и Вардар се тука. Двата скопски фудбалски дијаманти.
Одам еднаш така на утакмица, накај Градски, брзам… проаѓам покрај Работнички, а таму младо дете врти кругови на помошното. Еден од тренерите од далеку му довикна… „Дете пак те оставија да вртиш кругови а?….застанав да видам кој е… и го запамтив….Бојан Миовски. Работнички мислам загуби, не е ниту важно, заборавив, поминаа години, но го запомнив Миовски. Поминаа години од тогаш, а тоа голобрадо момче сега е најдобриот македонски напаѓач. Еден од оние кои не претставува во Лигата на Шампионите. Далеку е сега од Работнички и Дебар Маало, ги достигна фудбалските височини, а за кои никој ама баш никој не сметаше дека ќе ги види.
Да тој истиот Бојан Миовски сега е дел од светскиот фудбласки крем.За Бојан Миовски нема кој да каже „мој играч“ во Македонија, зошто сите до еден „промашија во проценката“. Можеби само тренерите во Фудбалската Академија на Штип, кои што според зборовте на самиот Миовски се единствените кои верувале секогаш во него.
„Искрен да бидам, нема ден,а да не си направам една мини ретроспектива во главата за се што ми се случува. Едноставно да се потсетам самиот себе каде сум, каде бев, каде се стремам да бидам. Дали му замерувам нешто на некого за она што ми се случуваше во минатото? Далеку од тоа. Не, тоа е едноставно мојот животен, фудбалски пат. Така требало да биде. Да ги истрпам сите оние неправди во минатото, како млад играч и во Брегалница и во Работнички, па и во Македонија ЃП….сето тоа ме изгради како личност. Ми го зацврсти карактерот. Јас немаше да бидам тука ако тоа не ми се случуваше верувајте. Знаев, знам и секогаш ќе знам колку можам. А тоа го докажувам на секој тренинг, секој натпревар. Можеби единствено ми е жал што во мојата Брегалница, во мојот Штип никогаш не добив шанса, па морав да ја побарам на друго место. Тренирав се трудев, знаев дека бев најдобар, а никогаш не бев на терен, дури многу често и на трибина. Дури кога заминав во Ренова нештата се променија. Некој го процени мојот квалитет ми даде шанса која ете очигледно ја искористив“ – вели Бојан Миовски, членот на шпанска Џирона, играч кој е дел од Лигата на Шампионите, репрезентативец на Македонија, и во моментов веројатно играч број еден на нашиот фудбал.
Три години како во сон
Во тоа време, младинскиот репрезентативец на Македонија, тивко, каков што е и неговиот карактер всушност, замина во унгарскиот МТК. Ја имаше таа чест да биде еден од ретките наши млади играчи кои заиграа младинска Лига на Шампиони со тимот на Карабах, но вистинскиот интернационален предизвик се случи во Унгарија.
„За мене тоа беше полн погодок. Се виде тоа веднаш. МТК беше клуб кој за мене беше одлична одскочна даска за напредок.Лигата во Унгарија е доста атрактивна, особено за млади играчи. Фантастични терени, комплекси, добри мечеви, супер ривали. Во тие моменти таа доверба која што ми ја даде клубот беше од клучно значење. Кога доаѓа играч од Македонија и кога нема да има доволно минутажа во еден ПМФЛ шампионат многу е важно некој да верува во вас. Тоа се случи кај мене и за тоа сум бескрајно благодарен. Во МТК бев две години, клучни за мојот развој како фудбалер. Уште еден важен момент кој да не се случеше немаше да бидам онаму каде што сум сега“ – вели Миовски присетувајќи се на моментите кои му го променија животот.
Шкотска засекогаш во срцето, му ја препорачувам на секого
Случувањата во животот и кариерата на Бојан Миовски во тоа време одеа како на филмска лента. Од хорор приказна во која во ПМФЛ мораше да смени четири (!?) клуба, за да конечно некој сфати дека се работи за екстра квалитетен играч, па трансферот во Унгарија, десетина постигнати голови, и правец, Шкотска. Абердин, и клубот кој едноставно знаеше однапред што прави. Некој во тој клуб „пресече“ и кажа, Бојан Миовски е следното големо нешто во Премиер лигата на Шкотска. И не погреши, (како многу други). Експлозија во две години, близу осумдесет голови, награди за најгобар фудбалер. Едноставно ПОЛН ПОГОДОК.
„Да бидам искрен, тоа се најдобрите две години досега во мојата кариера. Имам многу, многу да зборувам за Абердин, ќе ни треба цел подкаст, хаха… на кратко. Сите нешта се поклопија во Шкотска. Стилот на игра, терените „тепих“, навивачите… постигнав гол на дебито, од старт се виде дека е тоа вистински потег, полн погодок. Ми се крена самодовербата до небо, постигнав 18 голови во првата сезона, помогнав тимот да избори групна фаза во Лига на Европа, а потоа повреда. Пауза од два месеци. А кој би рекол дека по неа, ќе ја имам сезоната од соништата нели? Голови во Премиер лигата, во Европа, постигнав 26 погодоци, бев избран за играч на сезоната, а трансферот потоа беше неминовен“ – се присетува Миовски за деновите минати во Абердин.
Премиер лига, Серија А, Примера…
„И да сакав да останам во Абердин не можев, аххаха… Имав понуди навистина многу. Не би споменувал клубови, не е фер. Но ќе кажам дека имав ситуација да заминам и во Премиер лигата на Англија, и во Серија А. Сепак, заедно со мојот менаџерски тим од семејството Томовски се решивме дека најдобро е за мене да се замине во Џирона. Што да кажам? Периодот во Абердин ми даде искуство, сила, капацитет за да можам да бидам дел од сето ова. Мислам дека не погрешив, ќе покаже времето. И натаму велам, дека секојдневно се потсетувам самиот себеси дека ова не е сон. Дека јас навистина сум дел од клуб кој што е дел од Лигата на Шампионите, дека играм против Реал Мадрид, Барселона, Атлетико… пред пет години не бев доволно добар за екипите во Македонија, а сега ете сум онаму каде што сум. Порака до сите оние млади играчи. Не се откажувајте, верувајте во себе, работете напорно, и некој ќе го согледа вашиот квалитет“ – порачува Миовски.
Џирона е мирно место, уживам во секој момент
За разлика од Абердин, каде што целиот град, како и секое населено место на Островот, кое живее за својот фудбалски клуб, во Шпанија и не е баш така.
„Не, тука навивачите не се како оние во Шкотска. Далеку од тоа дека не ме препознаваат или дека не им е битен клубот, но е по „лабаво“ далеку. Може да се испие кафе без притисок, хаха. Прекрасен град, прекрасни локали, уживање на сонце, да Џирона е мој тип на место. Го користам секој слободен момент, иако во моментов такви има ретко. Мечевите се на три, четири дена. Тренинг, карантин, авион, натпревар, ден слободен, па ајде се од почеток. Наоѓам време и за некој добар шпански специјалитет, и добро вино. Шпанија има прекрасна кујна, навистина уживам…. како во брачниот живот?… хахаха нека остане тоа мала тајна. Не сум човек кој што ќе се експонира премногу во јавноста. Уживам во мојата приватност, во моментите со мојата сопруга, со семејството. Секогаш се тука за мене. Секогаш и биле. Им благодарам за тоа. Без нив немаше да сум ова што сум денес“ – во свој стил професионално и секогаш на „линија“ истакнува Миовски.
„Скандалот“ со копачките и куферот
Не е лесно да се напише интервју со Бојан Миовски, реално. „Здодевен“ е за денешни фудбалски услови. Нема скандали, нема испади на терен, нема црвени картони, нема социјални мрежи полни со старлети. Нема ништо…
„Хахаха, да точно. Од таа гледна точка не сум интересен. Еве ќе споменам една случка која јавноста не ја знае кога веќе толку инсистирате. При заминувањето од Абердин за Шпанија на промоцијата во Џирона, целиот куфер со копачки кои беа специјално направени за промоцијата некаде се загуби, па на промоцијата се појавив со „носени“ копачки. Ете, тоа е најголемиот скандал поврзан со Бојан Миовски, хахаха“ – ни се „отвори“ во моментов најдобриот македонски напаѓач со молба кон нас како новинари повеќе да не „копаме“ по неговиот приватен живот за да не најдеме нешто слично и толку страшно како случката со копачките.
Шегата на страна, Бојан Миовски е македонската фудбалска „Пепелашка“, приказна која што допрва пред себе има десетина продолженија. Сигурни сме сите од ред со среќен крај, а ние сме тука секоја Нова Година, да напишеме четиво вредно да се оддели простор и време, за детето од Штип, кое преку Дебар Маало, Ѓорче Петров и Џепчиште, стигна да тресе мрежи на Сантијаго Бернабеу и на Ноу Камп.