*Читам дека има многу реакции за подршката која му е дадена на Милевски од мене како претседател на ФФМ и од Горан Пандев како спортски директор. Мора една работа да разбереме. ФФМ и функцијата селектор на А-репрезентацијата се институции.Носењето одлуки на едни такви институции не може да биде поврзано со емоции, ако се носат на тој начин може да биде погрешно
*Искрено за овие неколку дена откако сум во ФФМ за се добив извештаи само не успеав да ги добијам финансиските извештаи. Планирам од понеделник да ги видам. Околу тоа прашање, мислам на финансиите во Македонија, се прави фама. Точно е дека има приходи. Буџетот на ФФМ се полни од донациите на ФИФА и УЕФА, меѓутоа треба да бидеме реални и да кажеме дека и трошоците се огромни
*Според мене позитивниот резултат и пласманот на ЕП 2020 и добрите финансиски бонуси кои ги добивме тогаш не беа адекватно искористени за развој на фудбалот во смисол да се инвестираше во терени, во младите, во академијата која што е во очајна состојба
Од 22 декември фудбалска Македонија има нов претседател на ФФМ, тоа е Масар Омерагиќ кој на Изборното собрание на Фудбалската федерација на Македонија беше избран со акламација. Некогашниот фудбалер на Балкан, Слога Ј, Вардар, Силекс, некогашен член на УО а сега познат и признат стопанственик, во јавноста доби огромна поддршка, а тој веднаш уште во првите неколку дена откако стапи на оваа функција покажа дека има и тоа како намера да ги менува работите за подобро утре во мак-фудбалот, но и самиот признава дека нема да влече нефудбалски и избрзани потези.
Омерагиќ во новогодишното интервју за медиумите се осврна на повеќе работи, одговараше на повеќе прашања онака бескомпримисно во негов стил. Свесен дека поддршката што ја добива е и огромна одговорност и затоа има намера заедно со својот тим, составен од фудбалски легенди, да стори се што треба за да мак – фудбалот тргне во вистински правец.
Омерагиќ во интервјуто покрај другото говореше и за клупскиот и репрезентативен фудбал, за судењето, секако селекторот Милевски, ВАР – технологијата, враќањето на фудбалските великани, поддршка од државните институции…
-Веднаш по изборот за претседател на ФФМ стигнаа честитките од ФИФА и УЕФА, од Џани Инфантино и Александер Чеферин. Веројатно годи нивниот гест за вас како нов прв човек на Фудбалската федерација на Македонија. Ваш коментар?
„Па нормално дека годи. Со самиот чин што тие веднаш честитаа тоа значи дека за нив целиот процес бил легитимен и завршен на начин што е во согласност на статутот на ФИФА и УЕФА. Од друга страна таа честитка и обврзува да имаме што подобра соработка и од наша страна да бидеме максимално исполнителни и да работиме во интерес на фудбалот“.
-Што може да и ветите на фудбалската јавност во Македонија, од која добивте голема поддршка во секој поглед при изборот, освен се разбира работа и многу работа? Кога можеме да ги очекуваме првите резултати од вашата работа?
„За жал состојбата во младинскиот фудбал е очајна. Никогаш не било вака лошо. Македонија отсекогаш била расадник на големи таленти, одлични фудбалери посебно во младите селекции. Меѓутоа со една добра и стручна работа, бидејќи јас верувам многу во моите соработници кои се поставени во тој стручен дел како спортскиот директот Горан Пандев, техничкиот директор Ѓорѓи Христов и со другите лица кои ќе ги поставиме во наредниот период, верувам во нивната стручност и работа и очекувам да се направи чекор напред во квалитетот на младинскиот фудбал. Веќе во циклусот од 2025 до 2027 да имаме напредок. Што се однесува до А-репрезентацијата тука јавноста бара резултати сега и веднаш, искрено останува да видиме. Наше е да им овозможиме на А-репрезентативците максимални услови за подготовки и согласност резултатите така и ќе ги влечеме потезите. За У-21 селекција веќе е назначен Горан Станиќ за селектор. Станува збор за млад тренер, многу посветен на својата работа, многу стручен. Покажа завидни резултати додека беше селектор на младинските селекции до 17 и 18 години. Со Работнички покажа одличен резултат, со млада и неафирмирана екипа дели прво место на табелата. Ја заслужи шансата и очекувам да ја оправда довербата со напорна работа“.
МИЛЕВСКИ ЈА ИМА ПОДДРШКАТА. НОСЕЊЕТО ОДЛУКИ ПОВРЗАНИ СО А-РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА НЕ ТРЕБА ДА БИДАТ ПОВРЗАНИ СО ЕМОЦИИ. ТРЕБА ДА СЕ ОБЕДИНИМЕ ОКОЛУ РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА
-Милевски ја доби вашата поддршка како селектор, за возврат што се бара од него во претстојните квалификации за СП 2026. Поточно со каков пласман во групата вие како прв човек на ФФМ би биле задоволни?
„Читам дека има многу реакции за подршката која му е дадена на Милевски од мене како претседател на ФФМ и од Горан Пандев како спортски директор. Мора една работа да разбереме. ФФМ и функцијата селектор на А-репрезентацијата се институции.
Носењето одлуки на едни такви институции не може да биде поврзано со емоции, ако се носат на тој начин може да биде погрешно. Треба да размислуваме фудбалски и треба да носиме одлуки кои се разумни. Факт е дека во одреден период имавме лоши игри и лоши резултати. Од фудбалски аспект тоа е разбирливо зошто после настапот на ЕП 2020 таа генерација доживеа зенит, се откажа лидерот и капитенот на репрезентацијата, тоа беше Горан Пандев. После тоа некои наши главни играчи променија клупски средини и од стандардни фудбалери почнаа да бидат повеќе на клупа отколку да играат. Сето тоа се манифестираше во квалитетот на играта во репрезентацијата. Меѓутоа за волја на вистината во последнит период имавме во серија неколку добри резултати, без разлика на квалитетот на противниците, затоа што и ние не сме во состојба да се прогласиме за фудбалска велесила. Групата во ЛН ја завршивме на прво место, ќе играме квалификации и на три месеци пред почетокот на квалификациите за СП 2026 било каква промена, рез, без некаква посебна причина е нефудбалски потег. И тоа може само да му нанесе штета на репрезетативниот фудбал. Јас верувам длабоко во оваа генерација на играчи, треба да бидеме малку трпеливи, треба да се даде шанса. Селекторот е тој кој што во изминатиот период ги постигна тие резултати и тоа што е значајно за сите нас е сега да им дадеме поддршка и да се обединеме околу репрезентацијата. Репрезентацијата и ФФМ ја претставуваат државата. Тие се амбасадори на Р. Македонија. И затоа било каков потег кој се носи поврзан со таа репрезентацијата мора да биде внимателен и треба да биде базиран на реална состојба“.
-Какви се шансите на Македонија во претстојните квалификации за СП 2026? Тука се Белгија, Велс, Казахстан и Лихтенштајн како противници.
„Ако ги прашате навивачите ние сме како фаворити. Ако ме прашате мене како фудбалски работник и поранешен фудбалер мислам дека денеска во фудбалот нема фаворити. Можеби три – четири репрезентации се така екстра – класа а сите останати стравуваат дека може да загубат од секого. Во нашата група јас мислам дека секој може да победи секого. Дури и Белгија не може да се посочи како екстремен фаворит зошто и таа има криза на резултати и сакаат да го менуваат селекторот. Велс не е селекција за потценување, оваа селекција доаѓа од вториот шешир, додека Казахстан е во развој. Лихтенштајн е солидна репрезентација. Не сме во ситуација на никого да му се закануваме од позиција на фаворит, меѓутоа не доаѓа в предвид на било кого да му се предадеме без борба. Наше е да бидеме сложни, да се обединиме околу репрезентацијта, да се создаде добра атмосфера. Да им дадеме максимална поддршка на селекторот и на момците и мислам дека нема да не изневерат. Еуфоријата нам никогаш не донела ништо добро во минатото. Ние секогаш сме биле најдобри кога луѓето не потценувале и кога не сметале за многу послаб противник. Да, јас длабоко верувам во репрезентативците и во стручниот штаб, но сепак не сум поборник да создаваме еуфорија“.
-Дали во иднина можеме да очекуваме Здружение на клубови или и натаму Федерацијата ќе биде одговорна за организацијата на натпреварите?
„Организацијата на натпреварите и натаму ќе остане во рамките на ФФМ. Во минатото имаше обиди за организирање на Здружение на прволигаши, меѓутоа секогаш тоа завршуваше на еден неславен начин поради разните ривалитети на одредени клубови. ФФМ ќе ја задржи организацијата со акцент на зголемување на безбедноста, со акцент на стопирање на навредите од трибините, тука ќе бидеме ригорозни. Со ова сакаме луѓето кои ќе дојдат на стадионите да се чувствуваат безбедно. Ќе се обидеме да донесеме максимално поквалитетно судење со напорна работа на новата Судиска комисија а за сезоната 2025/26 планираме имплетентирање на ВАР – технологијата. Па така оние бизнисмени кои држат клубови, кои се сопственици и инвестираат во нив да бидат сигурни дека нивната инвестиција ќе има фер услови за играње“.
-Најавениот спонзор на ПМФЛ е потег за поздравување, дали во иднина ќе се размислува и за награда на шампионот и силно затегање на критериумите за организација, целосна инфраструктира на клубовите докрај да се професионализираат?
„Сето тоа е добро кога се разговара, сепак да не бидеме во заблуда. Живееме во Македонија каде што по бројот на жители ние сме мала држава. За да некој инвестира во фудбалот и има поврат сето тоа треба да буде покриено со поголема гледаност. Од тој аспект да оставиме малку времето да го покаже своето.
Во врска со спонзор на ПМФЛ тоа сакаме да го воведеме за да се прекине праксата да клубовите плаќаат котизација, со ова би им помогнале на клубовите. Преку спонзор ќе се обидеме да ги покриеме тие трошоци како судиски и делегатски такси и истовремено да ги подигнеме таксите на судиите, ако се знае дека сега немаме интерес за судии бидејќи на крајот на денот се сведува на финансии“.
ШТО СЕ ОДНЕСУВА ДО ВАР -ТЕХНОЛОГИЈАТА СО ПОДГОТОВКИТЕ ПОЧНУВАМЕ ОД НУЛА
-Имаме ли доволно кадар за почеток на проектот – ВАР во Македонија?
„Почнуваме од нула што се однесува до ВАР – технологијата. Тоа не е ни почнато што се однесува до ФФМ. Мислам дека ние и Црна Гора сме единствените од регионот кои немаат ВАР. Затоа и на седницата на УО формиравмме комисија во која поранешниот судија Дејан Јакимовски е лидер на таа група составена од некогашни судии – интернационалци да ја спроведат целата оваа акција а од ФФМ ќе ја добијат целата поддршка на технички и финансиски план за да тоа се заврши како што треба. Тоа е процес кој трае неколку месеци подготовка. Ќе видиме дали ќе одиме со систем на мобилни комбиња или тоа да биде една ВАР соба која ќе биде центар. Се надевам дека се ова ќе го решиме навреме за да почнеме за наредната сезона влеземе со ВАР“.
-Сметате ли дека има простор за зголемување на ваучерите во иднина во однос на фудбалски клубови?
„Една од моите должности како претседател на ФФМ е да им помогнам на клубовите да ги остварат сите потреби. На оваа тема ќе закажеме состанок со министерот за спорт Борко Ристовски и секако дека ќе се обидеме да најдеме заеднички јазик на општо задоволство на сите“.
ВО ФФМ ИМА ПРИХОДИ, НО И ИМА И МНОГУ ТРОШОЦИ. СЕКОЈ ВИШОК СРЕДСТВА ЌЕ ОДИ НА ИЗГРАДБА И РЕКОНСТРУКЦИЈА НА ТЕРЕНИ
-Ви пречи ли перцепцијата дека ФФМ како институција има сосема солидни финансиски средства, па од таму и мислењето во јавноста дека нема потреба за евентуална државна интервенција?
„Искрено за овие неколку дена откако сум во ФФМ за се добив извештаи само не успеав да ги добијам финансиските извештаи. Планирам од понеделник да ги видам. Околу тоа прашање, мислам на финансиите во Македонија, се прави фама. Точно е дека има приходи. Буџетот на ФФМ се полни од донациите на ФИФА и УЕФА, меѓутоа треба да бидеме реални и да кажеме дека и трошоците се огромни. Едно гостување на А-репрезентација чини повеќе од стотина илјади евра. Па ги имате младите репрезентации, потоа вработените, па инвестициите во инфраструктурата. Да кажам дека инвестицискиот циклус од УЕФА за 2024-2028 веќе е целиот е блокиран, да не кажам потрошен. Ќе направиме анализа, далеку од тоа дека еве сега се жалиме, но јас имам намера да работам максимално транспарентно. Па така кога ќе бидат изготвени сите финансиски извештаи ќе направиме и една независна ревизија. Секако дека ќе излеземе пред јавноста, ќе кажеме каква е состојбата и се она што е вишок од финансиските средства во ФФМ ќе биде вратено на терен, односно ќе се инвестира во инфраструктурата. Реков и претходно, јас за тоа повеќе да правиме терени отколку да градиме трибини зошто на терен се станува фудбалер. Акцентот на мојот мандат ќе биде ставен на терени и на фудбалска опрема“.
-Се сеќавате ли на славните денови на шампионскиот тим на Слога Ј во кој и вие бевте дел? Да спомнете некој од играчите на таа генерација?
„Нормално нашиот капитен Неџмедин Мемеди беше лидер на таа генерација. Тука беа и Здравевски од Битола, Божинов од Гевгелија, Беќири, Мисердовски, Чолаковиќ, браќата Бегановиќ, Гого Јовчев, Нухиу. Сега ќе заборавам некого, ама нека ми простат. Јас единаесет години се занимавав професионално со фудбал, со многу играчи сум играл и нормално е сега на некого да заборавам“.
-Како да се подигне бројот на квалитетни натпревари во домашниот шампионат?
„Имаме специфично првенство во кое секој секого може да победи. Квалитетот на фудбалот ќе се подигне со инвестирање, овозможување за развој на младите фудбалери, носење на квалитетни играчи. Но јас сум повеќе за тоа ние да произведуваме наши играчи и тие да бидат се подобри и подобри. Да кажам дека пред стартот на пролетниот дел планирам да закажам средба со претставниците на клубовите од ПМФЛ и ВМФЛ. Да поразговараме за сите нивни проблеми и потреби. Што се однесува до намалување на ПМФЛ јас не сум за тоа. Мислам дека лига од 12 клубови е компатибилна за Р. Македонија. Додека формите за тоа плеј-ин и плеј-аут не можеме да го пресечиме сами, тоа ќе може да се направи по една добра анализа и во консултација со клубовите“.
-Која е причината која сте ја добиле довербата од ОФС во Македонија?
„Искрено тоа е прашање за ОФС. Претпоставувам дека довербата ја добив зошто тие мислат дека јас сум добро решение, а дали сум добро решение ќе покаже времето.
ДОЛГ БЕШЕ ПАТОТ НА ОМЕРАГИЌ ДО ПРВ ЧОВЕК НА ФЕДЕРАЦИЈАТА
-Вашиот пат до функцијата претседател на ФФМ?
„Тој пат е малку подолг. По завршување на мојата фудбалска кариера од 2000 до 2002 година бев член на Меѓународната комисија на ФФМ. Од 2002 до 2006 бев најмлад член на УО на ФФМ.Во одреден момент тогаш бев и директор на А-репрезентацијата. Во 2006 се разделивме, едноставно го напуштив УО и неколку години воопшто не се занимавав со таа проблематика. И така беше се до оној момент кои мои пријатели ме убедија да се кандидарам за претседател на ФФМ во таа 2009 година. Тогаш се кандидирав, но таа моја кандидатура наиде на многу проблеми. На едното собрание не ми беше дозволен влез,на другото собрание имаше делегати од ФИФА и УЕФА и траеше 4,5 часа, во Охрид тоа беше. Потоа Хаџи-Ристески неочекувано донесе одлука за доживотна суспензија со што кај мене пробуди инает. И тогаш започнав процес кој беше единствено дозволен согласно статутот на ФФМ да го обжалам пред Меѓународниот суд за спорт во Лозана. И јас го добив тој спор, а потоа двапати доаѓаа делегати на ФИФА и УЕФА. Имавме состаноци со Хаџи-Ристески и со делегациите, во кои беа и Теодоридис кој сега е генерален секретар на УЕФА, Ева Пасквер…
И тогаш се закажа Изборно собрание на кое се очекуваше мој избор, но со сплет на разно – разнио околности и работи кои сега не би сакал да ги спомнувам јавно, се случи тоа да јас се повлечам. Потоа пак долги години бев на страна се додека пријатели и познаници не седнаа да ме убедат да се вратам во таа игра, и еве сега ова е резултатот ова денеска“.
ЗА РАБОТАТА НА СЕЈДИНИ ДОПРВА ЌЕ ДОНЕСАМ ЗАКЛУЧОК. ФАКТ Е ДЕКА БОНУСИТЕ ЗА ПЛАСМАНОТ НА ЕП НЕ БЕА АДЕКВАТНО ИСКОРИСТЕНИ
-Вашето мислење за работата на досегашниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини?
“Во принцип не сакам да коментирам за луѓе ни позитивно ни негативно доколку не сум имал некоја блиска соработка. Не сме соработувале, само онака површно сме се познавале. Ќе оставам малку време да донесам заклучок после одредените анализи во каква состојба е Федерацијата и како е работено.
Според мене позитивниот резултат и пласманот на ЕП 2020 и добрите финансиски бонуси кои ги добивме тогаш не беа адекватно искористени за развој на фудбалот во смисол да се инвестираше во терени, во младите, во академијата која што е во очајна состојба и затоа измешани ми се чувствата. Би сакал да помине време за да направам една анализа и си создадам своја слика во мојата глава“.
КОГА ИМАТЕ ИСТА ЦЕЛ, КОГА ИСТО РАЗМИСЛУВАТЕ НЕ Е ТЕШКО ДА ВИ СЕ ПРИДРУЖАТ ТАКВИ ЛИЧНОСТИ КАКО ПАНДЕВ, НАЈДОСКИ, ИБРАИМИ, ХРИСТОВ
-Беше ли тешко да се соберат толку познати имиња да помогнат околу вашата работа и во работата на ФФМ? Пандев, Христов, Ибраими, Најдоски!
„Искрено воопшто не беше тешко. Зошто? Па не беше тешко зошто сите размислуваме исто. Сите се знаеме долги години, не беше тешко зошто имаме една цел – да имаме подобар фудбал.Сите овие кои ги спомнавте секој во своето време оставиле голема трага како фудбалери, како луѓе и што е најважно е што сите тие се добри луѓе, добри карактери, коректни и чесни. Не бараат ништо за себе, ситуирани се финансиски. Вљубени се во фудбалот зошто им дал се. Еден разговор е доволен а ние и претходно комунициравме, разговаравме, разменувавме мислења. Бевме разочарани од слабите резултати во младите секекции. Сето тоа делуваше малку понижувачки за сите поранешни генераци и фудбалери. Македонија никогаш не била фудбалски за потвенување, ниту во времето на екс – Југославија, ниту пак од деведесетите години па наваму. Камо среќа тогаш да имаше баражи и Лига Нации, јас ви тврдам дека ние ќе имавме најмалку едно до два пласмани на ЕП и барем еден пласман на СП. Би сакал во мојот мандат да го оствариме тој сон – плсман на СП, а и од пласман на ЕП нема да се жалиме. Само да ја израдуваме нацијата и сите да бидат зад ФФМ и репрезентацијата на Македонија“.
-Кога сте биле помлади кој ви бил омилен клуб и омилен фудбалер?
“Реал Мадрид и Редондо. Од тој славен тим на Реал најомилен ми беше Аргентинецот“.
-Вашата професија во животот?
„Генерален директор сум на семејната фирма – “Руле турс“ која е основана од мојот татко пред 33-34 години. Со задоволство го работам тоа. Едноставно уживам во таа работа бидејќи тоа е нашиот семеен ДНК – транспортот“.
-Има ли Омерагиќ некои посебно хоби?
„Не, немам. Да пешачам ако тоа е хоби“.
-Дали имате намера да ги посетите ОФС во Македонија?
“Јас и досега ги имав посетено речиси сите ОФС и имам намера поворно да ги посетам. Во 2025 година завршува мандатот на делегатите на Собранието и имаме повторно избори. Секако дека ќе ги посетам сите. Сакам да ги слушнам нивните мислења, нивните проблеми, потреби. И се она што е во можност ФФМ ќе стори да им го овозможи нивното работење“.
-На што прво ќе посветите внимание и во каква состојба ја дочекувате Федерацијата?
“Најголемо внимание посветив на организацијата на младинските категории, потоа А-селекцијата.Сакам да ги видам состојбите генерално, финансиите ги оставив за крај. Измешани ми се чувствата. Мислам дека можело подобро да се организираат работите. Сепак секој си има свој стил работа“.
-Познат сте како бунтивник по природа?
„Па, тој ми е карактерот. Не знам, некаде се смета за доблест да кажуваш директно во лице тоа што го мислиш, некаде се смета за маана.
Јас сум од оние кои што имаат да кажат кажуваат во лице без никакво заобиколување, посебно кога сметам дека сум право. Меѓутоа кога ќе згрешам знам и да се извинам.
-Во говорот на Собранието кога бевте избрани за претседател на ФФМ, напоменавте дека помошта од локалните институции и државата е неопходна за подобрување на фудбалската инфраструктура. Колку тоа ќе биде еден од топ приоритетите за вас како претседател на ФФМ?
„Тоа е природна поврзаност. Да сакате некаде да инвестирате како ФФМ во соработка со ФИФА и УЕФА, ќе мора да се испочитуваат сите законски прописи. И сето тоа не е можно без соработка со локалната самоуправа и со владата. Мислам дека ќе имаме одлична соработка. Ако тие фондови се затворени до 2028 година, ќе направиме напори, ќе се обидеме да излобираме, ние сме тука да изнаоѓаме решенија. Ќе работиме напорно и упорно. Наше е да гледаме напред и она што е во наша моќ, во рамки на она што можеме да го постигнеме, да го направиме“ заврши претседателот на ФФМ кој секако дека не пропушти сосема за крај на сите фудбалски фанови и граѓани на Р. Македонија да им посака се најубаво и многу радосни моменти на фудбалски план во 2025 година овозможена од нашите селекции а посебно од А-репрезентацијата.