Португалскиот стратег Жозе Мурињо изјави дека требало да ја напушти Рома уште пред да добие отказ од клубот во јануари и дека би сакал да се врати на работа во Серија А.
Мурињо во средината на јануари доби отказ од Рома, а неколку месеци подоцна потпиша двегодишен договор со Фенербахче. Во интервју објавено денеска за „Кориере дело Спорт“ Мурињо беше запрашан дали жали за нешто.
„Поради многу работи, ако зборуваме за натпревари. Во врска со личните одлуки – она „не“ што му го кажав на Флорентино Перез. Тој ми рече: „Мо, не оди сега, тешкиот дел заврши, сега почнува најдоброто“, знаев дека е вистина, но сакав да се вратам во Челзи по три години големи предизвици во Шпанија. Требаше да ја напуштам Рома порано, тоа беше грешка“, рече Мурињо.
Во 2010 година Мурињо ја освои тројната круна со Интер, а изјави дека би сакал да се врати во Серија А, како и да ја води репрезентацијата еден ден.
„Сакам да бидам на Европското првенство или Светското првенство и да ја обединам земјата околу тимот, како што сум направил многупати со клубовите. Сакам да го направам тоа за фудбалот и она што го претставува овој спорт, тоа би било неверојатно“, рече Мурињо.