Ракометот повторно даде импулс дека спортот во Македонија живее! 

178

Марија Ковачева 

И оваа 2024 година ја испраќаме на ист начин како и претходната. На спортски план ракометот останува спорт број еден во Македонија – и репрезентативно и клупски.

Пет репрезентации настапија на европска или светска сцена и тоа меѓу елитата, додека дел клубовите беа дел од натпреварувањата под капата на ЕХФ. На сето ова ќе додадеме дека во јануари, традиционално по 14-ти пат по ред, ракометна Македонија ќе биде дел од едно големо натпреварување, овој пат Светското првенство 2025 година.

Додека останатите спортови се обидуваат да се вратат на големите натпреварувања и додека во меѓувреме се „задоволуваат“ со „ситни залаци“, во ракометот чекорите се крупни. Па токму затоа главни амбасадори на нашата земја остануваат – ракометарите, не потеценувајќи ги останатите спортови.

НА РЕПРЕЗЕНТАТИВЕН ПЛАН ИСПОЛЕНТА ГОДИНА ЗА РФМ

Во македонската „куќа на ракометот“ имаат право на задоволство и за оваа 2024 година. Пет репрезентации настапија на Европско или Светско првенство, сениорскиот машки тим завери деветото учество (седмо по ред) на Мундијалите. Новата светска виза македонската ракометна репрезентација за првпат ја завери без помошта на легендите кои претходно на грб ги носеа младите ракометари. Новата генерација го положи првиот „тест“ го сочува наследството…

РФМ повторно се избори за организација на едно големо натпреварување, во Скопје се одржа Светското првенство во младинска женска конкуренција на кое учестуваа 32 земји. Организацијата беше префектна, а за тоа стигна и потврда од ИХФ.

Професионалноста и квалитетното работење со точно одредена визија и мисија останаа главна одлика на првите луѓе на РФМ, нешто што од март 2025 година ќе треба да го продолжи новото раководство кое ќе треба да го задржи високото ниво и да ги задржи темелите кои ги поставија актуелниот претседател Живко Мукаетов заедно со генералниот секретар Филип Милошевски, почнаа да ги градат од 2013 година давајќи му го на потребниот имуплс.

Машката сениорска репрезентација настапи на ЕХФ ЕУРО 2024

Машката сениорска репрезентација избори пласман на ИХФ СП 2025

Женската сениорска репрезентација настапи на ЕХФ ЕУРО 2024

Младинската машка репрезентација настапи на ЕХФ ЕУРО 2024

Младинската женска репрезентација настапи на ИХФ Светско првенство 2024

Машката кадетска репрезентација настапи на ЕХФ ЕУРО 2024

Кога сме кај репрезентативниот спорт во Македонија како најава за јануарскиот поход во Вараждин, да не заборавиме дека им дадеме поддршка на нашите ракометари, да уживаме во секој меч бидејќи во светски рамки повторно ќе се вее македонското знаме.

БИТОЛА Е РАКОМЕТЕН ГРАД, АЛКАЛОИД ПОЧНА СО „БЕРБА“ НА ТИТУЛИТЕ…

И на клупски план Македонија не заостанува на европската сцена. Пелистер како актуелен првак и оваа сезона е дел од Лигата на шампионите. По лошите резултати во претходнат сезона, битолчани покажаа дека со право се дел од ова натпреварување, ги освоија првите бодови после долго време, на контото имаат две победи, две ремија и шест порази, и секако шанса да се најдат во следната рунда. Битола потврди дека е ракометен град, во салата „Боро Чурлевски“ е уживање за ракометарите на Пелистер, но „пекол“ за противниците. Две титули по ред се освоени, се чекаат нови пехари, особено по кискот во Купот на Македонија.

Стратегијата на Алкалоид со македонски прозивод да ја гради иднината на националниот спорт се покажа како полн погодок. Младите ракометари од овој тим под водство на неуморниот Кирил Лазаров и неговата голема храброст да биде дел од овој проект, а со поддршка на една компанија како што е Алкалоид го дадоа веќе посакуваниот производ. Тимот од Автокоманда во своите витрини има два пехари, еден од Купот на Македонија и еден од Супер-Купот, двата ги освои на сметка на далеку поискусниот состав на Пелистер, кој има бројни странски имиња наспроти македонските играчи на Алкалиод. Видовме и се уверивме дека сепак се можело и со домашни ракометари, Алкалоид остана како единствен тим во кој не парадираат странците – во преден план се Македонците.

Алкалоид има што да се пофали и на европска сцена – стигна до 1/8 финалето во ЕХФ Европскиот Куп, а додека минатата сезона беше дел од Европската лига. Алкалоид на паузата во Супер-лигата замина како лидер пред Пелистер и Вардар.

За одбележување е кам-бекот на европска сцена на Вардар 1961, не е Лигата на шампиони, но беше Европската лига и групната фаза. Поздрав заслужува заживувањето на ракометот во Охрид и во Кавадарци…Оваа сезона воопшто не е досадна…Допрва следува битката за тронот.

КАЈ ДАМИТЕ ЗАПИШАН ЦРН МОМЕНТ

Македонија беше сведок на крајно неспортски потег, во центарот на вниманието се најдоа ЖРК Гевгелија и ЖРК Скопје, поради неспортски, неморални и спротивни на фер-плеј начелата.

Двете екипи одиграа натпревар од Купот на Македонија во кој си постигнуваа авто-голови и предизвикаа огромно чудење и неверување во јавноста. По ова Ракометната федерација одлучи да ги исклучи од натамошно натпреварување и им ја изрече најстрогата дисциплинска санкција – исклучување од ракометната федерација. Суспензија добија сите лица кои беа дел од овој срамен скандал.

Во женска конкуренција во домашната сцена ЖРК Ѓорче Петров ги освои двете титули и најави одбрана и за сезоната која доправа ќе биде решена.

ПретходноДианеси направи операција но ќе биде фит за стартот на подготовките
СледноКруговите што водат кон Лигата на Шампиони