Интервју со Војдан и Дамјан: 20 години неуморни борци на теренот!

406

Марија Ковачева

2025 година за Војдан и Дамјан Стојановски е посебна, и двајцата прославуваат голем јубилеј во нивната професионална кариера – 20 години на кошаркарската сцена.

Како да беше вчера кога сите зборуваа за браќата близнаци кои скромно чекореа, баш исто како денеска, и трпеливо со многу труд ја градеа својата приказна. Војдан и Дамјан низ годините станаа синоним за професионалност, модел за се што треба да поседува еден кошаркар.

Скромни надвор од теренот, од првиот ден неуморни борци за својата земја, за националниот дрес, секогаш во служба за подобро утре на македонската кошарка.

Велат дека ништо не е подарено во спортот доколку не се жртвуваш, а сите оние кои добро ги познаваат, знаат колку и двајцата се вложуваат во она што го работат.

Тие за „СпортСпорт“ за големиот јубијел се навратија низ годините наназад, раскажаа дел од својата приказна. Потекнуваат од кошаркарско семејство, љубовта кон овој спорт им ја пренел прво нивниот татко Драги, а потоа нивниот постар брат Огнен, некогашен кошаркар. Во семејството Стојановски денот започнувал и завршувал со кошарка.

После четири години минати во исти клубови (Вардар и Амак СП), двајцата одлучиле дека е време за разделба. МЗТ Скопје тимот за кого денеска настапуваат е трет заеднички клуб во овие 20 години.

Војдан и Дамјан ни открија дали е предност или не, да имаш брат близнак и да бидеш во ист спорт, што би земале еден од друг…Поскакуваат кошарката да се врати на нивото кое беше некогаш, се надеваат дека клубовите ќе имаат поголемо трпение со младите играчи, а ладните сали ќе станат минато во Македонија.

🎅20 години кошаркарска кариера, како да беше вчера. Како ја почнавте вашата кошаркарска приказна? Сигурно големо влијание имше и вашиот постар брат Огнен?

Војдан и Дамјан: Нашата приказна ја почнавме во Вебо, клуб каде што тренираше нашиот постар брат Огнен. Љубовта кон кошарката ни беше пренесена уште како деца, а за тоа се „виновни“ нашиот брат Огнен и нашиот татко Драги, кој исто така играше кошарка. Па не беше тешко да ја засакаме кошарката. Во нашето семејство денот започнуваше и завршуваше со кошарка. Се се вртеше околу овој спорт.

🎅Првиот професионален договор го потпишавте со Вардар, па заедно игравте на Амак СП, а потоа после 13 години повторно се споивте во МЗТ Скопје. Што значи да си професионалец, што жртвуваа Војдан и Дамјан низ годините?

Дамјан: Точно, првиот професионален договор го потпишавме со Вардар, а потоа преминавме во Амак СП, по што одлучивме да за нас двајцата е најдобро да се разделиме и да играме во различни клубови во текот на нашите кариера.

Низ годините како професионален спортист жртвуваш голем дел од приватниот живот, не си присутен за празниците, за родендените, едноставно живееш поинаков живот од луѓето кои не се спортисти.

Војдан: Спортот бара многу жртвување, тинејџерските денови ги поминавме претежно во сала наместо да излегуваме или пак да шетаме. Јас пропуштив многу важни моменти за моето семејство бидејќи 12 години играв надвор од Македонија. Но, тоа е цената на професионализмот. Мора да знаеш да се носиш со тоа и да не зажалиш за ништо“.

🎅Ако можете да се вратите наназад што би смениле или поправиле?

Дамјан: Искрено не би променил ништо, мислам се што се случиле било со причина, едноставно така требало да биде и на тој начин да се одвиваат работите низ кариерата.

Војдан: Искрено, јас ништо не би променил. Многу сум задоволен од сето она што до сега го имам направено и постигнато.

🎅Можете ли да издвоите момент во вашата кариера на кој се сеќавата како да било вчера?

Дамјан: Не можам да го заборавам моментот кога тренерот Јовица Арсиќ ми соопшти дека ќе бидам дел од 12-те играчи кои ќе настапат на Европското првенство во Полска 2009 година, искрено како да беше вчера.

Војдан: Европското првенство во 2011 година е на прво место, се сеќавам баш како да беше вчера од успехот што го постигнавме до сите тие месеци кои ги минавме заедно, бевме како едно семејство. Го паметам секој натпревар, од прв до последен.

Втор посебен момент за мене е мечот кога како член на Алба Берлин игравме против Сан Антонио и победата против нив. Играв против мојот идол Ману Џинобили, беше посебно искуство, момент кој ќе го паметам засекогаш.

🎅Дали го паметите својот прв повик за сениорската репрезентација. Како ве прифатија останатите кошаркари на првиот собир? Имавте шанса да растете покрај врвни имиња – кошаркарски легенди.

Дамјан: Секако дека го паметам, тоа беше кога ми кажаа дека сум на поширокиот список на репрезентацијата на Европското првенство 2009 година. Бевме премногу добро прифатени од постарите кошаркари, уште на самиот почеток имавме поддршка од нив, и на тренинзите и на натпреварите, што пак е многу важно за еден млад кошаркар. Навистина беше голема привилегија да се игра и да се учи од легенедите како што се Врбица Стефанов, Перо Антиќ, Тоше Гечевски, Перо Блажевски, Ѓорѓи Чековски, Владо Илиевски.

Војдан: Мојот прв повик за сениорскиот национален тим беше во 2008 година од тогашниот селектор Јовица Арсиќ, беше остварување на сонот да играм покрај Перо Антиќ, Врбица Стефанов, Тодор Гечевски, Ѓорѓи Чековски…Навистина преголемо искуство за мене, многу учев од секој тренинг, од однесување до пристап кон тренингот. Секој тренинг за мене беше исто како да играм меч, жарот во тоа време беше таков. Најважно од се бев прифатен добро и никогаш не ми недостасувало нешто.

🎅Дали има повеќе позитивни или повеќе негативни страни да имаш брат близнак кој го игра истиот спорт? Имаа ли тренерите проблем за да ве препознаат на тренинзите?

Војдан и Дамјан: Има многу позитивни страни, секогаш имаш друштво за тренинг во сала, имаш кој да ти враќа топки и со кого да играш „еден на еден“. Нашите „дуели“ еден против друг никогаш не завршувале, секогаш истите биле прекинувани со тепачка и враќање дома (се смеат двајцата). Секогаш не препознавале, добро знаеја кој е Војдан, а кој е Дамјан. Направиме добар чекор кога решивме да се разделиме и да играме во различни клубови. Игравме на речиси иста позиција, па за да можеме да имаме поголема минутажа моравме да ја градиме нашата кариера во различни клубови. Гледано од денешен аспект одлуката е исправна.

🎅Доколку би можеле да земете нешто еден од друг од играта или техниката, што би било тоа?

Дамјан: Кога би можел да земам нешто од Војдан, тоа би било неговиот влез – исклучиво на десната страна (се смее Дамјан).

Војдан: Би го земал шутот на Дамјан и тоа одма.

🎅Кој повеќе се лути на натпреварите?

Дамјан: Војдан секогаш е поголемиот „плачко“…

Војдан: Мислам дека и двајцата сме љутковци, но тој што е помалку пољут го смирува другиот после пораз“ (се смее Војдан).

🎅Македонија за жал од 2015 година (последниот настап на ЕП) постојано се мачи низ квалификации и претквалификации. Што е потребно да се направи за да се создаде поквалитетн иднина, на што треба да се внимава?

Дамјан: Мора да се подобрат условите за тренирање и за играње на натпревари во зимскиот период, тука мислам на ладните сали. Мора да се даде поголема шанса на младите играчи и да се има поголемо трпение кон нив. Ова е само еден дел од работите кои мора да се променат за да има поголем напрадок и успех во репрезентацијата.

Војдан: Мора да се внимава многу на работа со младите особено во преминот на кошаркарите од 18-20 години во сениорскиот национален тим. Тука како кошаркарска нација стагнираме во секој поглед, пред се физички, ова е мое размислување. Секако тука се условите во Македонија каде три месеци се игра во ладни сали или малку загреани. Не би сакал зборувам како е на тренинзите, колку и каков тренинг можеш да направиш во ладна сала ако тоа трае три месеци. Ова е преголем проблем што сите го знаеме, но никој не превзема ништо.

🎅Војдан и Дамјан ги знаеме на терените, но приватниот живот секогаш бил на страна. Кое време за вас надвор од терените е квалитетно поминато? Освен кошарка кој друг спорт го сакате?

Дамјан и Војдан: Времето поминато со семејството и со пријателите за мене е квалитетно време поминато надвор од терените. Омилен спорт освен кошарка ни е кошарката (се смејат и двајцата).

🎅Каде се гледате во иднина, дали можеби после завршување на кариерата размислувате да заполовите во тренерски води?

Дамјан: Искрено, не сум размислувал се уште што би правел после завршување на кариерата.

Војдан: Многу повеќе ме влече да бидам тренер, но немам конкретни планови, не сум човек кој сака многу да ги планира работите однапред.

🎅Кој е вашиот совет до младите кои сонуваат да станат врви играчи?

Дамјан: Мојот совет до младите кошаркари е само напорна работа. На пречките со кои ќе се соочат во кариерата да гледаат како предизвик кој што може да ги донесе до поголем успех.

Војдан: Напорна работа, да не се разочаруваат кога нема да добијат многу минути на теренот, туку тогаш да тренираат уште повеќе. На крајот секој труд ќе биде награден, ништо не доаѓа преку ноќ“.

🎅 МЗТ Скопје не успеа да ја мине групната фаза во АБА2-лига…

Дамјан и Војдан: Нема што да криеме. За МЗТ Скопје е голем неуспех што не успеавме да ја поминеме групната фаза во АБА2-лига, најмалку требаше да стигнеме до полуфиналето. Дел од мечевите беа тесно решени, но на крајот се памети резултатот, а не начинот на кој сме ги загубиле тие натпревари. Останува домашната сцена, тука МЗТ Скопје секогаш атакува кон одбрана на двете титули.

🎅Што би сакале да ви се оствари во 2025 година?

Дамјан и Војдан: На спортски план здравје и успех, и да ги оствариме целите како со клубот, така и со репрезентацијата. Би сакале Македонија да се пласира на Европското првенство 2025 година, патот е тежок, но не е неостварлив.

На приватен план, посакуваме здравје на сите околу нас.

                                   КАРИЕРА – ДАМЈАН И ВОЈДАН

 

ПретходноШто читавте во 2024 година: ТОП 10 најчитани наслови на „СпортСпорт“
СледноОлмо и официјално тргнат од тимот на Барселона