Жељко Обрадовиќ според сите мерила и освоени трофеи е најдобриот кошаркарски тренер во историјата. Со повеќе од 60 пехари на клупски план а и со рекордни девет во Евролигата, стана икона на кошарката во Европа.
Се си има свој крај, за тоа е свесен и самиот Обрадовиќ кој по враќањето во Партизан ја “тера“ четвртата сезона, па така деновиве во интервју за медиумите во Србија се чини дека откри кога и каде, или каде би сакал, да ја заврши својата блескава кариера:
„Засега не знам. За оваа и наредната година имам договор со Партизан. Засега немам идеја да ова што го работам би го работел на друго место. Јас можам да живеам и работам овде во Србија, во Белград каде што се вратив по цели 28 години. Можам да кажам дека се чувствувам многу добро овде. Ова ми припаѓа мене, јас им припаѓам на нив и не можам да се замислам во некоја друга ситуација. Нека трае ова со Партизан колку што ќе трае, и ако еден ден се разбудам и сфатам дека немам веќе мотиви, тогаш тоа ќе го решиме така што ќе одиме на риболов“ посочи Обрадовиќ.
Ова може да се сфати дека негова желба е да оди во пензија како тренер на Партизан, но сепак треба да се почека. Во модерниот спорт некои работи многу брзо се менуваат.