Кузмановски: Чест и задоволство е да се биде капитен! Сакам да го продолжам делото на Лазаров!

403

Секоја Нова Година веќе долго време е најава дека ракометна Македонија ќе ја гледаме на едно големо натпреварување. Вака ќе биде и во оваа 2025 година, јануари е резервиран за Светското првенство на кое нашите ракометари ќе играат во Вараждин, а противници ќе ги имаат селекциите на Унгарија, Холандија и Гвинеја.

За првпат во својата кариера, Филип Кузмановски ќе ја има честа да биде капитен на едно големо натпреварување. Оваа одговорност ја доби против Естонија и Литванија во квалификациите за СП 2026 година, но сега пред него стои уште поголем предизвик.

„Чест и задоволство е да бидеш капитен на македонската репрезентација. Одговорноста е голема. Ова е голем чекор во мојата кариера, да бидам капитен на оваа нова генерација. Треба бидеш пример на теренот и надвор од него. Ова го покажаа претходните капитени, а најдобар пример за тоа е Кирил Лазаров. Посакувам да продолжам на неговото ниво, и да го достигнам сето она што го има направено за нашата држава“, ни изјави Филип Кузмановски. 

Чекорите во групата нема да бидат прескокнати. Нашите момци се фокусирани кон првата средба против Унгарија која е закажана за 15 јануари. Популарниот Фитиљ вели дека целта менталитетот што се гради е победнички, ова ќе биде пристапот на секој натпревар.

„Одиме чекор по чекор на Светското првенство. Добро ги анализираме противниците, не мислиме на последниот натпревар, туку со сите мисли сме на првиот меч против Унгарија, и тоа не е тајна. Посакуваме со сите да се надигруваме и нормално дека одиме на победа на секој меч. Тоа го покажавме против Фарски Острови. За мене најтежок бараж меч беше токму против Фарски Острови. Одигравме неверојатен натпревар, направивме чудо во Скопје. Не е мала работа да победиш со толкава рзлика и да се пласираш на Светско првенство“.

Никој во националниот табор не ги заборава фановите. Македонија на секое големо натпреварување без разлика каде и да игра позади себе ја има поддршката од фановите. Ова е пак е дополнителен мотив за сите во тимот, момент кој треба постојано да ги потсети што значи да се носи националниот дрес.

„Сите треба да го цениме тоа што играме за репрезентацијата, не е лесно да се заслужи местото во националниот тим. Ние сме број еден спорт, кога ќе дојдат првенствата цела нација е желна за успех. Благодарни сме што секое големо натпреварување на трибините имаме поддршка од голем број на фанови, кои се одлучуваат да поминат илјадници километри за да бидат нашиот седми играч. Го цениме тоа, затоа наша обврска е да покажеме на теренот како треба да се бориш за Македонија“.

Кузмановски и неговите соиграчи имаат само една желба, на ова Светско првенство да покажат дека имаат квалитет и сили да запишат добри резултати, а со тоа и да ја направат нацијата горда.

„Првиот чекор е да ја поминеме групата. Веруваме и посакуваме оваа година да направиме навистина добар резултат да се пласираме во главната рунда и да ја направиме нацијата горда“. 

ПретходноФлик: Не сме задоволни од ситуацијата со Олмо
СледноЛестер се соочува со одземање на бодови