Дали почнува нова сага во светот на фудбалот? Дали Мохамед Салах навистина го мислеше тоа што го кажа, дека по истекот на сезоната ќе си оди од Ливерпул, или тоа беше само еден вид на притисок кон раководството на “Редси“ конечно да почнат активни преговори со неговите менаџери со цел да се продолжи соработката?
Останува да видиме, ама според медиумите на Островот, во случај Салах навистина да си оди од „Енфилд“ тогаш Ливерпул и тоа како ќе тргне по ѕвездата на Баерн Минхен, и тоа по Лирој Сане (28).
На германскиот репрезентативец во јуни му истекува договорот со “баварците“ па така тој во Ливерпул би дошол бесплатно што се однесува до отштетата.
Сане е добра опција за “Редси“ и поради фактот дека офанзивецот веќе играше во Премиер-лигата и тоа во Манчестер Сити од 2016 до 2020.