Македонската ракометна репрезентација ја чека настап на Светското првенство. До првиот меч против Унгарија остануваат уште десет дена, а во нашиот табор посакуваат пласман во главната рунда, посакуваат во ладните јануарски денови да им ги стоплат срцата на македонските фанови.
Во националниот тим се врати Ненад Костески, кој поради повреда долго време беше надвор од терените, но сега тие денови се минато, а тој е подготвен да го даде најдоброто во „црвено-жолтиот“ дрес.
„Беше навистина тешко, повредата беше многу сериозна, една од најтешките во спортот, но успеав да се вратам. Чувството повторно да се биде на терен е навистина прекрасно, од меч во меч сум се подобро подготвен и верувам дека во добра форма ќе го дочекам светскиот шампионат. Одработевме квалитетни подготовки во Стара Пазова, одигравме средби за темпирање на формата, а продолживме со добра работа и во Скопје. Не се сомневам дека ќе бидеме максимално подготвени за првиот дуел со Унгарија закажан за 15 јануари“, ни изјави Ненад Костески.
Македонија, покрај Унгарија ќе ги одмери силите и со Холандија и Гвинеја. Во ова друштво, од нашата репрезентација се очекува да дојде барем до една победа, најреално против Гвинеја и да го завери билетот за главната рунда. Во Вараждин градот на нашата група се очекува да пристигнат голем број на македонски фанови, кои секогаш прават незаборавна атмосфера.
„Оптимист сум дека ќе се пласираме во главната фаза, но не смееме да се фокусираме само на тоа, на таа средба со Гвинија. Верувам во нашата репрезентација, знам дека поседуваме квалитет и сигурно ќе сториме се што можеме за да стигнеме до уште една победа. Ќе имаме многу навивачи, дај Боже повторно да ја израдуваме цела Македонија и да создадеме одлична атмосфера со добри игри на едно големо натпреварување во Хрватска. Верувам дека сме способни за такво нешто“, додаде Костески.
Нашите ракометари на 8. јануари се селат во Хрватска, а таму, истиот ден ќе одиграат уште еден пријателски натпревар против истоимената репрезентација.