Екипата на Шкупи најави дека од 8 јануари ги започнува подготовките за пролетниот дел од сезоната. Според денешната најава од чаирчани, тие првиот собир ќе го имаат на стадионот во Чаир. На сите фудбалери најпрво ќе им бидат извршени лекарски прегледи, вклучително и физички мерења, за во наредните денови да работат на физичко-техничкиот тактички дел под надзор на тренерот Ердем Алпарслан, заедно со неговиот стручен штаб.
Екипата ќе биде во Скопје се додека тоа го дозволат временските услови, а на 22 јануари ќе отпатува за Турција, каде што ќе остане до 8 февруари.
Првиот контролен натпревар во Анталија, Шкупи ќе го има на 25 јануари против Полонија Варшаја, додека четири дена подоцна ќе игра со Септември од Бугарија.
Последниот натпревар закажан засега е на 6. февруари против казахстанскиот Кајсар. Четвртиот тест ќе биде закажан дополнително.