Македонската ракометна репрезентација во составот има имиња кои за првпат ќе имаат шанса да настапат на едно Светско првенство. Еден од нив е младиот голман Иван Галевски, кој оваа сезона во дресот на Алкалоид покажа дека заслужува да добие шанса.
„Чест, задоволство, и привилегија е што сум дел од националниот тим, сон на секое дете е да игра за репрезентацијата. Годинава ми се освтари сонот, ова ќе ми биде прво големо натпреварување, се борам за секоја минута на теренот и ќе се потрудам да ја оправдам довербата на најдобар начин“, ни изјави Иван Галевски.
И тој како останатите репрезентативци е среќен дека во Вараждин ќе дојдат навивачите, што ќе биде од големо значање за сите нив.
„Ова е спорт, топката е тркалезна, ако проработи македонскиот инает и македонското срце што го имаме, зашто да не се надеваме на позитивен резултат. Најбитно е што ќе имаме навивачи, Фалангата е дополнителен мотив за нас, ветер во грб, осми играч, тие секогаш се тука за нас, несебично ни даваат поддршка кога играме и во странство и на домашен терен. Сигурен сум дека ќе придонесат за добри резултати на репрезентацијата“, додава еден од најмладите поединци во составот на селекторот Кирил Лазаров.
Македонија на СП ќе игра против Унгарија (15. јануари), Холандија (17. јануари) и Гвинеј (19.јануари).