Македонската ракометна репрезентација одигра добар натпревар против Хрватска. Нашите момци во овој тест меч кој се одигра пред 5.000 навивачи беа совладани со два гола разлика. До пред самиот финиш беа рамноправен противник, имаа и водство и на полувремето и во вториот дел. Домаќинот ја доби потребната поддршка од судиите и во самиот финиш дојде до триумфот.
На другата страна за селекторот, Кирил Лазаров и неговите момци нема простор за разочарување, бидејќи одиграа максимално борбено против една селекција како што е Хрватска и која е голем фаворит против „црвено-жолтите“.
„За мене најважно е дека се изборивме против една силна репрезентација, која има силни индивидуалци и е домаќин на Светското првенство. Им честитав на момците, не се предадовме, се боревме до самиот крај, игравме пред 5.000 Хрвати кои добро го познаваат ракометот. Оваа борбеност треба да ја задржиме, ова го трениравме. Мора да бидеме борбени до самиот крај бидејќи во Вараждин ќе дојдат голем број на навивачи, не смееме да ги предадеме нив. Можеме да загубиме од подобар противник, но не смееме да ги предадеме нив, тие ќе дојдат и ќе одвојат средства“, изјави Лазаров по мечот.
Предводникот на нашиот национален тим има пофални зборови за голманите. Митревски запиша 11 одбрани, Кизиќ три.
Македонија првиот меч на СП го игра на 15. јануари против Унгарија, за два дена е мечот против Холандија, додека групната фаза ја затвара против Гвинеја.