Формула 1 во Белгија до 2031 година, без трки во 2028 и 2030 година

103

Претставниците на Формула 1 и Големата награда на Белгија денеска го продолжија договорот за уште четири сезони, вклучувајќи ги 2026, 2027, 2029 и 2031 година.

Белгиското Гран При традиционално се одржува на патеката Спа-Франкоршамп, долга нешто повеќе од седум километри и е позната по серијата кривини.

Оваа патека е во календарот уште од првата сезона во Формула 1, во 1950 година, и таму се одржани вкупно 57 трки за ГН на Белгија.

„Големата награда на Белгија беше една од трките што го сочинуваа нашиот прв шампионат во 1950 година, така што на почетокот на нашата 75-годишнина, одлично е што можеме да ја споделиме веста за ова важно продолжување“, рече извршниот директор на Формула 1, Стефано Доменикали.

Многу светски шампиони во Формула 1, како Сена, Михаел Шумахер, Ники Лауда, Себастијан Фетел, Луис Хамилтон и Макс Верстапен, извојуваа победи на оваа патека.

Изминативе години се инвестираше во Спа-Франкоршамп, а меѓу другото капацитетот е зголемен за 10.000 седишта со поставување на две нови штандови.

Овогодинешниот тркачки викенд во Белгија се одржува од 25 до 27 јули, а вклучува и спринтерска трка.

Новата сезона во Формула 1 започнува на 16-ти март со Големата награда на Австралија.

ПретходноГвардиола тргна во офанзива по најдобриот стрелец на Ајнтрахт
СледноПроблем за Хрватите пред стартот на Светското првенство