Во нашиот табор максимално се користат последните денови пред стартот на Светското првенство. Оваа Нова Македонија е за едно првенство поискусна. Настапот на Европското првенство од оваа гледана точка има позитивно влијание, особено ако се земе во предвид фактот дека ракометарите беа во група со едни гиганти како што се Франција и Германија.
Пред избраниците на Кирил Лазаров стои голем предизвик. Македонија е во група со Унгарија, Холандија и Гвинеја. Првите две селекции котираат високо на листата на фаворити на овој Мундијал.
„Подготвени сме за сето она што е пред нас како предизвик. Самиот пласман на ова СП е голем успех, а верувам дека искуствата од претходните големи натпреварувања ќе ни бидат од голема помош во Хрватска. Лани игравме против гиганти како Франција и Германија, знаеме како е да се игра со врвни селекции, а тие дуели само ќе ни дадат уште поголема сигурност и самодоверба со ривалите што ќе ги сретнеме во Вараждин. Холандија и Унгарија се дел од најдобрите селекции на овој шампионат, но за нас тоа ќе биде уште поголем мотив за надигрување со нив. Едно е сигурно, нема да се предадеме, планот е со борбена, сконцентрирана и фокусирана игра да стигне до позитивен резултат на овој мундијал“, истакнува Иван Џонов.
Нашите ракометари се среќни што и на овој шампионат ќе имаат поддршка од трибините. Во Вараждин Арена се очекува убава бројка на македонски фанови.
„Поддршката од трибините ќе ни значи многу. Знам дека многу Македонци планираат да дојдат и да навиваат за нас, од срце сме им благодарни. Тие ќе ни дадат дополнителна сила и енергија на теренот, а знаеме дека можеме да им се оддолжиме само со максимална ангажираност и борба, која ќе ни донесе и резултат каков што сите заедно посакуваме“, додаде Џонов.