Се погласни се шпекулациите дека Елиф Елмас, македонскиот интернационалец и репрезентативец на пролет нема да биде дел од тимот на Ред Бул Лајпциг. Иако тој во Германија замина како огромно засилување, за кое Ред Бул плати 24 милиони евра, сепак, Елмас ни оддалеку не ги исполни очекувањата во овој тим. Зошто? На тоа ќе мора да даде одговор самиот тој, или пак некој во стручниот штаб. Во меѓувреме јавноста на големо го сели насекаде по Европа, што како позајмен фудбалер што како дел од нов трансфер, а најмногу онаму каде што беше во Италија, односно Турција.
РБ Лајпциг влече потези кои водат кон тоа. Последната информација од денеска е дека Елмас не е во комбинација за претстојниот дуел против Штутгарт на гости, и на место него во тимот е приклучен Лионел Воуфак, напаѓач роден 2007 година. Ова значи дека или Елмас е повреден, за што нема никакво инфо, или пак едноставно клубот јасно става до знаење дека има намера зимава да се ослободи од него.
Она што е важно да се напомене во оваа ситуација е дека, Ред Бул нема намера да го пушта на позајмица Елмас, барем така велат информациите од Германија, без притоа клубот што ќе го преземе неговиот договор, да нема обврска да го откупи на лето. Елмас во моментов со оглед на неговата очајна минутажа, секако дека не вреди онолку колку што Ред Бул плати за него, па германците во секој случај се во минус.
Се спомнуваше негово враќање во Наполи, но таму веќе ситуацијата е различна од времето кога тој беше дел од тимот, и прашање е дали сега има место за Елмас. Фиорентина исто така е спомнувана дестинација. Од друга страна, неговиот поранешен клуб Фенербахче беше заинтересиран, но турските медиуми денеска велат дека Фенер поради малата минутажа на Елмас во моментов, а и честите повреди едноставно се откажува од оваа комбинација.
Како и да е, се по извесно е дека престојот на Елмас во Германија нема да трае уште долго. Иако Ред Бул за него имаше големи планови очигледно дека истите не се остварија. Каде ќе заигра нашиот репрезентативец на пролет, ќе дознаеме наскоро, а тоа со оглед на репрезентативните обврски набргу ни е од исклулително значење.