Само половина час откако Пелистер официјално објави дека се разделува со македонскиот младински репрезернтативец Михаил Талевски, лутиот ривал Вардар објавува дека напаѓачот е негов нов член.
Талевски предмалку е промовиран како нов член на ФК Вардар во насока на целосно реновирање на ростерот зимава. Вардар осетно се засилува, а по Пинтер, Цикарски, Тодоровски, Спахиу, Талески, сега на ред дојде и Талевски.
Тој е несомнено еден од најдобрите млади играчи во Македонија, а во Вардар пристигнува како засилување кое ќе има статус и на У21 играч. На оваа позиција Вардар во изминатата полусезона ги имаше Здравковски и Дошев, но тие и обајцата си заминаа, па сега Талевски доаѓа како играч кој на стратегот Седлоски и тоа како му е потребен.
Вардар со ова добива на опција во нападот кој во изминатиот период и не беше најсилна страна на тимот, но со Спахиу, Талевски и со офанзивно ориентираниот Тодоровски, тимот сериозно може да смета на голови во пролетниот дел.