Шампионот на Македонија, Еурофарм Пелистер ги започна подготовките за вториот дел на сезоната 2024/25. Без осум репрезентативци, кои ќе настапат на Светското првенство, но со неколку членови на Еурофарм Пелистер 2, денес беше одработен првиот тренинг. Деновиве следуваат тестови и тренинг сесии во спортската сала „Боро Чурлевски“.
Македонските репрезентативци: Митревски, Кузмановски, Пешевски, Петар и Павле Атанасијевиќ и Костески, Тунижанецот Хосни и Словенецот Цехте ќе се приклучат штом ќе им завршат активностите на Светското првенство во Хрватска, Норвешка и Данска.
Вториот дел од подготовките, од први февруари, екипата на Еурофарм Пелистер ќе го реализира во Стара Пазова (Србија). Првиот официјален натпревар во 2025 година е на 8 февруари против Куманово на домашен терен.