Ова се тројцата најмлади играчи во репрезентацијата: Сонот од детството – стана реалност!

903

Машката македонска репрезентација ја делат два дена од стартот на Светското првенство, на кое селекторот Кирил Лазаров овој пат на располагање ќе има многу помлади ракометари во однос на последното во 2023 година кое се одржа во Полска.

Во нашите редови има четворица играчи кои не настапиле на едно големо натпреварување во сениорскиот тим. Станува збор за Иван Галевски, Алкенсадар Петковски, Валентин Карасманакис и Павле Атанасијевиќ. Тројца од нив се и најмлади на списокот од 19 имиња кои конкурираат за ова СП. Тоа е триото на Алкалоид, Галевски, Петковски и Карасманакис. Првите двајца веќе имаат 20 години, додека последниот има 19 години, за некој ден ќе ја прослави 20-ката.

И за тројцата шансата да бидат дел од сениорскиот национален тим е остварување на сонот.

Галевски: Чест и задоволство е што сум дел од националниот тим. За мене ова е остварување на детскиот сон.

Петковски: Да се биде дел од сениорскиот тим е големо задоволство, посебно на едно големо натпреварување.

Карасманакис: Да се биде дел од сениорската репрезентација е огромна чест, ова е сон на секој млад ракометар уште од мали нозе. Ваквите натпреварувања се големо искуство, стоиме рамо да рамо со едни од најголемите ракометари на денешницата, а тоа ми претставува само мотив плус за борба.

Велат дека со напорна работа може да се оствари секој сон. До вчера настапите на Македонија ги гледаа покрај ТВ-екраните.

Галевски: Искрено не очекував, но доколку работиш напорно и си максимално посветен се ќе си дојде на свое место.

Петковски: Додека бев помал настапите на сениорскиот тим ги гледав само на телевизија. Искрено не очекував дека толку брзо ќе бидам дел од него.

Карасманакис: Повикот на селекторот ми беше пријатно изненадување. Како и секој млад ракометар отсекогаш сонував за тоа. Навистина е посебно чувството кога ќе го видиш своето име на списокот, иако знаеш дека секој ден напорно работиш за тоа.

Тројцата открија што значи да бидеш најмлад во тимот, какви дополнителни обврски имаат, која е нивната задача?

Заедно одговорија: Имаме да, носење на топки, лепак, звучник, дополнителна опрема за тренинг. Секој кој бил помлад го поминал тоа. Од друга страна да се биде најмлад во тимот е привилегија, го остваруваме најголемиот детски сон и имаме шанса да учиме од најдобрите во Македонија.

*Често пати на официјалната инстаграм страница на федерацијата можеме да видиме “пресметка” за загревање помеѓу младите и постарите. Дали е тешко да се игра против нив?

Галевски: Не е толку тешко колку што имаат помош од судиите😂.

Петковски: Тоа претставува како еден вид традиција, Големите секогаш сакаат да победат секако дека е тешко.

Карасманакис: Да, многу често знаеме да си ги одмериме силите на тренинг, помлади против постари. Пред се е многу забавно. Претежно губиме ние, помладите, иако знаеме и ние некогаш да покажеме заби 😁.

И тројцата имаат поставено цели во кариерата, да и донесат медал на сениорската репрезентација и еден ден да го подигнат пехарот во Лигата на шампиони.

ПретходноСтавре Јада втор, Ана Цветановска трета на првиот ден од 61. Мавровски меморијал
СледноСи поигруваше со скапите ѕвезди: Водоинсталатер беше прогласен за играч на мечот против Тотенхем (ВИДЕО)