Купот ја отвора одбојкарската „пролет“, први мечеви кај дамите на 29 јануари

34

Пролетниот дел од одбојкарската сезона 2024/2025 започнува со одигрување на бараж натпреварите од Купот на ОФМ 2025 во женска конкуренција. Според пропозициите екипите кои есенскиот дел од првенството го завршија на последните четири места во Втората женска лига ќе се соочат во баражот, односно Куманово ќе игра со Македонија Макс, додека Универзитет во Тетово и Виктори Волеј се вториот пар.

Се игра во еден добиен натпревар на теренот на подобро пласираната екипа на табелата, а натпреварите се закажани за 29 јануари. Победниците од овие два дуели ќе се соочат меѓусебно на 5 февруари, а подобриот од овој меч ќе обезбеди пласман во осминафиналето од Купот на ОФМ 2025 во женска конкуренција.

Директен пласман во осминафиналето кај дамите имаат обезбедено прволигашите Јанта Волеј КВ, Работнички Скопје, Наковски Волеј, Фит Фан Волеј, Вардар ЕМ, Младост УГД, Струмица жени, Ускана Волеј, како и второлигашите Газели Волеј, Пелистер Волеј, Бами Кор, Фламинго Волеј, Јанта Волеј БУТ, Вардар жени и Форца Волеј ЕМА.

Во машка конкуренција натпреварувањето во Купот на ОФМ 2025 започнува со претколо, во кое разигруваат екипите кои во есенскиот дел од првенство завршија со пласман од 4. до 13. место на табелата. Двојките ги сочинуваат Шкендија – Јанта Волеј, Универзитет во Тетово – Весна Пробиштип, Работнички 71&22 – Сушево, Вардар – Скопје и Лирија – Македонија Џио.

Противниците играат во еден добиен натпревар на терен на подобро пласираната екипа, кој е закажан за 12 февруари. Победниците од овие средби продолжуваат во четвртфиналето од Купот на ОФМ во машка конкуренција. Директен пласман во четвртфиналето имаат обезбедено лидерот на прволигашката табела Струмица 47&72, како и бранителот на титулата Штип УГД и Борец.

ПретходноСП 2025: Франција доминираше со Катар, Италија приреди изненадување
СледноКузмановски: Тимот дише како еден! Поминавме низ најтешкото и сега треба да уживаме во играта!