Вараждин за македонските ракометни фанови дефинитивно ќе остане град кој буди посебни спомени. Во 2009 година токму во овој хрватски град започна приказната наречена македонска Фаланга. Ова беше година во која Македонија се врати на големите натпреварувања, првпат после долго време, првпат после СП во 1999 година.
Тука полека почна да се пишува македонската ракометна приказна. Од Вараждин до светот беше испратена порака дека една мала земја од Балканот има фанови кои на уникатен начин знаат како да ги вивнат своите ракометари до височините, фанови кои не се штедат кога станува збор за светото име, фанови кои ја исполнија Вараждин Арената и ја обоија во “црвено-жолто“.
Вараждин во таа 2009 година се претвори во македонски град. Беше чест и привилегија да си Македонец, секој уживаше во спектаклот на македонската Фаланга. Обединети како никогаш, сите дишеа како едно – сите заедно ги славеа победите, заедно тажеа во поразите.
Македонците сонуваа за големи натпреварувања, СП 2009 година го даде импулсот дека спортот во Македонија сепак е жив.
Од таа генерација во Вараждин во која главен лидер на теренот беше Кирил Лазаров, сегашниот селектор на македонската репрезентација, до оваа која ќе настапи на Светското првенство се променија генерации.
Лазаров токму во 2009 година стана рекордер по постигнати голови на едно СП. Македонскиот бомбардер стигна до бројката од 92 погодоци.
Ракометот стана спорт број еден, ја задржа традицијата на редовни учества на големите натпреварувања, а оваа тешка задача остана во рацете на новата генерација.
Поголем дел играчите од оваа Нова Македонија токму во таа 2009 година едвај имаа седум години, дел од нив немаа ниту толку. За атмосферата на тоа Светско првенство најизворно можат да слушнат од нивиот селектор – Лазаров.
Кире беше страв и трепет за сите противници, под негово водство Македонија се пласираше во главната рунда како второпласирана во својата група, зад Германија пред Полска, имаше скор од три победи и два порази.
Генерацијата од 2009 година составена од Стевче Алушовски, Филип Миркуловски, Ванчо Димовски, Борко Ристовски, Петар Ангелов, Митко Стоилов, Филип Лазаров, Горан Ѓоргоновски, Наумче Мојсковски…беше во позрели години за разлика од оваа сега.
А судбината секогаш крои чудни патишта, посака повторно после долго време да играме на едно Светско првенство токму во Вараждин (игравме и 2018 година во главната рунда на ЕП). Ќе посакаме овој град да биде магичен за Новата Македонија, да продолжи да го одржува националното богатсво кое им го оставија нивните идоли, а Фалангата повторно да дојде во голем број и да ја препознае секоја битка на теренот, да им даде ветер во грб на овие момчиња.