Филип Кузмановски, за првпат на едно големо натпреварување ќе ја има капитенската одговорност. Еден од најискусните ракометари во нашиот состав посакува едно од првите изненадувања на Светското првенство да биде токму Македонија. Кузмановски и неговите соиграчи се свесни дека ќе играат против посилен тим, но тоа пак не ги демотивира.
„Од прв ден се спремаме за Унгарија, уште од контролните натпревари што ги игравме во Србија, затоа што знаете како е, прв натпревар е на СП, тогаш се случуваат и изненадувања.
Мотивацијата ни е на високо ниво уште од дуелите со Фарски острови. Си докажавме самите себе дека можеме да играме против големи ривали. Зошто тоа да не го направиме и против Унгарија. Да, тие се фаворити, имаат позвучни играчи, повеќе искуство, ракометари што се носители и во Лигата на шампионите, играат во големи тимови, но зошто да не?
Во новата година игравме уште три меча со екипи што наликуваат на Унгарија, Холандија и Гвинеја, пробавме многу работи. Пробавме мнгоу работи за кои веруваме дека ќе ни користат утре против Унгарија“, рече Кузмановски.
Неговата желба е Македонија да игра како едно, сите заедно да уживаат на теренот, бидејќи до ова Светско првенство стигнаа по најтешкиот пат. Сите во тимот едвај чекаат да почне шампионатот.
„Екипата дише како еден. Како се вели, екипата на терен ќе извади лидер, посакувам на секој меч да има различен. Сакам да играме како тим, знаеме колку беше тешко да се дојде до овде, поминавме низ најтешкото и сега треба да уживаме во играта.
Откако дојдовме во Хрватска, почнавме да чувствуваме мундијалски амбиент. Долго сме заедно и едвај чекаме да почне. Имаме желба, спремни сме и треба да покажеме како изгледа Македонија“.
Секако тука се навивачите, кои и овој пат ќе дојдат во голем број во Варждин, а Кузмановски вели дека направат се за да ги оправдаат очекувањата.
„Досега немавме контакт со македонските навивачи, но јас како еден од поискусните знам како изгледа кога ќе дојдат Македонците, кога ќе дојдат нашите блиски во хотелот, колку тогаш расте мотивацијата. Знаеме колку значи и нас и за нив сето ова, ќе направиме се да оправдаме очекувањата, вели Филип.