Кирил Лазаров, македонскиот бомбардер, кој зад себе голем број на натпревари како репрезентативец на големите натпреварувања, утре го почнува своето четвртто големо првенство како селектор. Тој ќе го води националниот тим на Светското првенство, второ за него. Противници на „црвено-жолтите“ ќе бидат Унгарија, Холандија и Гвинеја.
Унгарија е првата селекција со која нашите ракометари ќе ги одмерат силите. Мечот се игра утре (20:30 часот) во Вараждин Арена. Лазаров вели дека тешко може да се најде слаба точка, но нивна задача ќе биде да одиграат најдобро и доколку се укаже шанса истата да се искористи.
„Унгарија е спортска земја, слободно можам да кажам и ракометна земја, со две екипи учесници во Лигата на Шампионите за кои играат поголемиот дел од репрезентативците кои ќе настапат во Вараждин. Многу добија со доаѓањето Чема Родригез како селектор и носењето на шпански стручен штаб, напредуваат се повеќе од година во година, впрочем резултатите говорат за тоа, беа петти на последното ЕП, а учествуваа и на последните Олимписки Игри. Не би можел да кажам дека имаат слаба точка бидејќи говориме за исклучително комплетна репрезентација што има голем број врвни играчи на сите позиции. Можеме да се надеваме дека тие ќе немаат свој ден, а ние мораме да играме најдобро што знаеме и ако ни се укаже шанса за изненадување, да ја искористиме“, рече Кирил Лазаров.
.Лазаров и неговите момци имаа доволно време за подготовки и за одигрување на пријателски натпревари. Предводникот на нашиот национален тим е задоволен од сето она што го минаа во изминатиот период.
„Одработевме квалитетно во овие подготовки, секоја од трите фази (првата во Стара Пазова, втората во Скопје и оваа третата во Хрватска) послужија за она што за што беа замислени, мислам дека растевме како репрезентација и подготвени го дочекуваме овој мундијал. Секој од натпреварите, без разлика на конечните резултати, ни послужи да одработиме на одреден дел од нашата тактика и како селектор сум задоволен од она што го видов“, вели Лазаров.
Карактерот кој нашиот предводник ќе го бара на ова СП е оној од пријателскиот меч против Хрватска.