Серафимов: Унгарија е фаворит, но во спортот ништо не е невозможно!

104

После бројни тренинзи и пријателски мечеви, македонската ракометна репрезентација вечерва (20:30 часот) против Унгарија го отвара Светското првенство. Вараждин е градот кој ќе биде базата на „црвено-жолтите“. За голем дел од ракометарите Арената е непозната, за оние кои долго време го следат ракометот, тука Македонија во 2009 година почна да ја пишува својата ракометна историја заедно со фановите.

Од таа Македонија до оваа денеска се променија многу работи. Рекордерот на Светските првенства, Кирил Лазаров е селектор, а во составот има младите играчи кои ја имаат најтешката задача – да го носат „црвено-жолтиот“ дрес и да ги направат сите горди. Еден од нив е Мартин Серафимов.

Унгарија е противник за кого не треба многу да се трошат зборови. Фаворит на хартија не само во нашата група, тука и фаворит за високи дострели. Иако задачата ќе биде тешка, сепак нашите момци се подготвени да „војуваат“.

„Унгарија селекција која е фаворит во нашата група, не само против нас. Станува збор за репрезентација со одличен состав и добра традиција на големи натпреварувања. Иако е тешко да се најдат слаби точки, сепак не треба да заборавиме дека никој не е непобедлив. Тешко е да се победи една вакава репрезентација, но ние ќе ја чекаме нашата шанса, доколку истата се укаже ќе се обидеме да ја искористиме. Во спортот ништо не е невозможно. Долго време се подготвувавме за нив. Најважно е да ги спроведеме сите задачи на теренот, да одиграме борбено. Дали ќе биде тоа доволно за изненадување, ќе видиме“, ни изјави Мартин Серафимов. 

Покрај Унгарија, во нашата група Д, се уште и селекциите на Холандија и Гвинеја, патот до главната рунда е да се освои најмалку третото место.

ПретходноБарди не е веќе фудбалер на Трабзон, можно е да се врати во Шпанија!
СледноПролет се збогува со Јовиќ: Во шок сме, немаме зборови со кои би ја опишале загубата