Раководството на Кошаркарската Федерација денеска одржала состанок со претставниците на клубовите одо МТЕЛ Првата машка кошаркарска лига. Состанокот беше организиран по комплетирање на тринаесеттото натпреварувачко коло, а сè со цел да се забележат сите нерегуларности во спортските сали каде клубовите ги организираат натпреварите во рамки на Првата лига.
На состанокот биле изнесени сите забелешки од последното натпреварувачко коло како и од Комисијата за проверка на спортските сали. Пред клубовите се објавени и заклучоците на Комисијата, која потврдила дека салите во Гостивар, Куманово и малата сала при СРЦ Кале во Скопје не ги исполнуваат условите за одигрување на прволигашка кошарка.
КФСМ ги информирала клубовите кои играат во овие сали како домаќини, доколку недостатоците не бидат отстранети до пред почетокот на натпреварите од четиринаесеттото (14) коло, наведените сали од КАТЕГОРИЈА – 2 ќе бидат суспендирани. Екипите ќе мора да бараат сали кои ги исполнуваат условите од КАТЕГОРИЈА – 1, согласно членот 20.1 од Пропозициите за натпреварување во сениорските лиги.
Согласно членот 29 од Пропозициите за натпреварување во сениорските лиги, температура во сала, поточно 29.1, температура во салите за време на натпреварите мора да е најмалку 12 степени целзиусови. Ако гостинската екипа не се сложи да го одигра натпреварот при температура пониска од 12 степени целзиусови, натпреварот ќе биде одложен за 24 часа и за тоа време домаќинот треба да обезбеди затоплена сала, регистрирана за соодветното ниво на натпреварување.
Доколку тоа не се обезбеди, домаќинот ќе го загуби натпреварот со службен резултат 20:0 и нема да добие бод предвиден со правилата во случај на пораз. Согласно членот 29.2 од истите пропозиции, домашната екипа, организатор е должен да обезбеди термометар на секој натпревар и да го стави на располагање на делегатот на негово барање.