Стартува мундијалскиот поход: Македонија на светска сцена деветти пат, седми во низа!

70

Македонската ракометна репрезентација вечерва (20:30 часот) го игра првиот натпревар на Светското првенство. Прв противник на избраниците на Кирил Лазаров е селекцијата на Унгарија, фаворитот во нашата група Д, во која уште се наоѓаат Холандија и Гвинеја. Сите мечеви се играат во Вараждин Арената.

За македонската ракометна репрезентација ова е деветто Светско првенство, седмо во низа, а кога ќе се додаде бројот на учества на големите натпреварувања, „црвено-жолтото“ знаме ќе биде развиорено на 14. шампионати во низа.

Лазаров почна да ја гради новата генерација од Светското првенство во Полска 2023. Составот има неколку искусни имиња со повеќе настапи на вакви натпреварувања. Од голманот, Никола Митревски до капитенот Филип Кузмановски, како и Жарко Пешевски. Во центарот на јавноста е Марко Митев, кој треба да го разигра тимот, на десната крилна позиција се врати Ненад Костески, да не го заборавиме борбениот Павле Атанасијевиќ, кој од првенство во првенство воодушевува со своите игри. На пикерската позиција е Милан Лазаревски, заедно со останатите млади ракометари ги чека тешка битка против Унгарците.

Голманите се половина тим, се очекува Митревски да повлече, а младите Кизиќ и Галевски да го надополнуваат. Со одличен ден на голманите и црвста одбрана, Македонија може да пружи ракомет кој сите го посакуваме.

Унгарија е голем фаворит денеска и во нашата група. Лазаров бара борбеност, карактер како против Хрватска, а дали тоа ќе биде доволно да се урне еден против како денешниот останува да видиме на дело.

Да уживаме во овие јануарски денови, да уживаме во фактот дека ракометната репрезентација е единствена во нашата држава која секоја година е на големите натпреварувања, да им дадеме поддршка на овие момци кои по тешкиот пат успеаја да го сочуваат наследството од нивните претходници. Покажаа дека можат, свесни се каква тежина има „црвено-жолтиот“ дрес, дојдоа во Вараждин со една желба – да ја направат Македонија горда.

ПретходноШто се случува со Пеп? Погледнете како се нафрли врз својот голман! (ВИДЕО)
СледноИ ФФМ со поддршка за ракометарите: Напред Македонија!