Голема штета: Македонските ракометари тргнаа со реми на Светското првенство, Унгарија се извлече(ФОТО)

873

Македонската ракометна репрезентација е првото изненадување на Светското првенство, против фаворитот Унгарија одигра неверојатен меч. Голема штета што нашите момци не успеаја да дојдат до победа, ја имаа во рака. Но и бодот треба д биде мотив. На крајот мечот заврши 27-27.

На теренот видовме лавовска битка, баш онаква како што најавија од нашиот табор. Избраниците на Кирил Лазаров беа мотивирани до небо, имаа максимална поддршка од трибините. Вараждин Арената беше обоена во „црвено-жолто“, беше вистинска чест и привилегија да си Македонец.

Никола Митревски мечот го заврши со 13 одбрани.

Добро прво полувреме за нашите ракометари. Унгарија во првите седум минути делуваше моќно и незапирливо, поведе со 5-2 (четири гола беа дело на Илиќ), противникот лесно не пробиваше по средината. Но, тука беше одличниот Митревски да ги повлече своите соиграчи и секако неверојатните фанови. Македонија со серија од 5-0 го превзема водството, беше 5-7 во 13-тата минута. Нашите момци не застанаа тука, со нови два гола на капитенот Кузмановски, поведоа со 6-10.

Четири минути бевме без гол (Серафимов не реализираше седмерец), Унгарија постигна два гола за 8-10. На стартот на 20-тата минута Кузмановски зголеми на 8-11, откако претодно Митревски ја запиша шестата одбрана.

Унгарија повторно се закани сериозно, дојде на минус еден 10-11. Митев и Пешевски имаа одговор за 10-13 на пет минути до крајот на првото полувреме. По голот на противникот, Џонов ги врати плус трите гола позитива (11-14). Но, тука одново имавме нерализиран седмерец, Унгарија на празна мрежа успеа да израмни на 14-14, судиите не го признаа голот на Серафимов со звкукот на сирената.

Илиќ на стартот на второто полувреме го врати водството на 15-14, на другата страна Петар Атанасијевиќ и Велковски погодија за 15-16. Унгарија врати со два гола за 17-16, Македонија остана со играч помалку. Изедначената битка продолжи, се играше гол за гол, со тоа што минималната предност ја имаше Унгарија која во еден момент доби и мала помош од судиите.

Во 40-та минута при 19-18, Унгарија остана без Золта Жита (заработи директен црвен картон) поради груб старт врз Кузмановски. Токму капитенот Кузмановски со два гола и донесе ново водство на Македонија, во 45-та минута беше 19-20, не искористи напад за плус два. Нашиот Никола Митревски блескаше на голот.

Цврстата одбрана продолжи, Велковски успеа да ја врати Македонија повторно во позитива (21-22) во 48 минута. Унгарците едноставно беа изненадени од борбеноста н нашите момци. Битката продолжи на теренот, се играше гол за гол, со тоа што минималното водство го имаше Унгарија.

Во 53-та минута Јагуриновски израмни на 24-24, по нова одбрана на Митревски, Маркоски реализираше на празен гол за 24-25. Нашите момци не искористија нова одбрана на Митревски, Унгарија израмни на 25-25. Јагуриновски постигна важен гол за 25-26 на две и пол минути до крајот, но противникот брзо врати за 26-26. Македонија под пасивен напад рализираше преку Кузмановски за 26-27, Митревски спречи ново израмнување. Лазаров повика тајм-аут да им даде инструкции на играчите. Наместо напад за победа, Унгарија ни ја зема топката и израмни на 27-27. Кузмановски имаше удар од слободен удар, но истот не заврши во мрежата.

Претходно„Релево“: Реал нe брза со Трент, ќе го чека до јуни
СледноФантастичниот Кузмановски е играч на натпреварот